Најголемиот спектакл оваа есен „BAH & FRIENDS“ на 1 ноември во Струга
Љубителите на танцот, музиката и сценските настапи оваа есен ќе имаат можност да бидат дел од вистински спектакл. Студиото за танц „БАХ“ од Струга го најавува „BAH & FRIENDS“, специјална вечер исполнета со танц, музика, енергија и дружење.
Настанот ќе се одржи во недела, 1 ноември, во Центарот за култура во Струга, со почеток во 18 часот.
Публиката ја очекува богата програма во која, покрај домаќините, ќе настапат и специјални гости од различни делови на земјава. На сцената ќе се претстави Dance Team Fusion од Куманово, а свое учество ќе има и КУД „Дримкол“ од Вевчани.
Посебно внимание привлекува најавата за настап на Ана Стојановска, која ќе настапи пред струшката публика, како и специјалниот гостин – македонскиот музички изведувач Лозано.
Од студиото за танц „БАХ“ од Струга велат дека „BAH & FRIENDS“ е повеќе од обичен концерт или танцова програма. Идејата е преку сцената да се прослават пријателствата, заедништвото и љубовта кон танцот и музиката кои ги поврзуваат учесниците.
Организаторите ги повикуваат стружани и гостите на градот да бидат дел од оваа специјална вечер и да уживаат во комбинацијата од танц, музика и настапи на повеќе уметници и колективи.
Влезниците се ограничени, па љубителите на ваквите настани се повикуваат навреме да го обезбедат своето место за „BAH & FRIENDS“.
StrugaOnline

