Јованчо Тутенкоски од „Кастело“ Струга освои седмо место на Pizza Championship Macedonia 2026
Струшкиот пица-мајстор Јованчо Тутенкоски од пицерија „Кастело“ постигна одличен резултат на Pizza Championship Macedonia 2026, освојувајќи го седмото место во конкуренција на околу 150 пица-мајстори од повеќе од 20 земји од целиот свет.
Шампионатот се одржа на 3 и 4 октомври во Скопје Сити Мол, во организација на Accademia Pizzaioli Macedonia и Скопје Сити Мол, со Accademia Pizzaioli – Italia, предводена од Enrico Famà, како меѓународен партнер.
Успехот на Тутенкоски е особено значаен ако се има предвид силната меѓународна конкуренција на првото натпреварување од ваков карактер и обем во Македонија. На шампионатот своите знаења, техники и креативност ги одмерија пица-мајстори кои пристигнаа од повеќе од 20 земји, претставувајќи различни школи, традиции и пристапи во подготовката на пицата.
Натпреварувачите се натпреваруваа во четири категории: Pizza Napoletana, Pizza Classicо, Pizza Romana и Mystery Box. Секоја од категориите постави различен предизвик пред учесниците – од традиционалните италијански техники и внимателно избалансираните комбинации на вкусови, до модерната презентација и импровизацијата со тајни состојки во категоријата Mystery Box.
Токму во ваква силна конкуренција, седмото место на Јованчо Тутенкоски претставува значаен резултат и признание за неговата работа, знаење и пица-мајсторство, но и за струшката пица сцена.
Натпреварувањето се одвиваше пред шестчлено стручно жири, составено од реномирани италијански и меѓународни пица-мајстори, судии и светски шампиони, а оценувањето се вршеше согласно меѓународните стандарди.
Pizza Championship Macedonia 2026 имаше за цел да го промовира врвното пица-мајсторство, професионалната едукација и размената на знаења и искуства, како и да придонесе за поврзување на пица-професионалците од Македонија со колегите од светот.
Со освоеното седмо место меѓу околу 150 натпреварувачи, Јованчо Тутенкоски од „Кастело“ Струга се запиша меѓу најуспешните учесници на првото издание на овој меѓународен пица-шампионат во Македонија.
StrugaOnline

