Стружанки продолжуваат со победите – ЖКК Струга 2009 убедлива против Гостивар
Кошаркарките на ЖКК Струга 2009 продолжуваат со победничкиот ритам во Втората лига за жени. Во рамките на заостанатото второ коло, стружанките на домашен терен славеа убедлива победа над екипата на ЖКК Гостивар со резултат 69:45, со што по две одиграни кола се искачија на првото место на табелата.
Натпреварот започна со изедначена игра, а по првото полувреме Струга 2009 имаше предност од 31:27. Сепак, во продолжението домашните кошаркарки го засилија темпото, ја искористија подобрата физичка подготвеност и со поефикасна реализација направија значителна разлика.
Клучна беше третата четвртина, во која стружанките славеа со 22:10, додека во последниот период ја потврдија убедливата победа со дополнителни 16:8.
По натпреварот, тренерот на Струга 2009, Владимир Ѓоровиќ, им честиташе на своите кошаркарки за прикажаната игра, но истакна дека тимот има простор за понатамошен напредок.
„Во првото полувреме, беше изедначено, мислам дека во второто полувреме дојде до израз нашата подобра физичка подготвеност. Погодивме отворени шутеви и го скршивме натпреварот. Честитки до моите кошаркарки, но сметам дека сè уште има голем простор за напредување. Честитки и до екипата на Гостивар за фер играта“, истакна Ѓоровиќ.
Во победничкиот состав најефикасна беше Муртезаи со 24 поени, постигнувајќи и пет тројки. Зиба придонесе со 17 поени, Даути со 12, а Кавај со 8 поени. Таранeши, Танаскоска, Стеблева и Мијевска постигнаа по 2 поени.
Кај гостинската екипа, најдобар стрелец беше Трајковска со 26 поени.
Со овој триумф, ЖКК Струга 2009 по две кола го зазема првото место во Втората лига за жени, најавувајќи амбициозен настап во продолжението на првенството.
StrugaOnline

