ЖКК Струга 2009 триумфално и низ Штип – стружанките со три победи од три натпревари на врвот на табелата
Женскиот кошаркарски клуб „Струга 2009“ продолжува со одличните настапи во Втората женска лига. Стружанките забележаа нова гостинска победа, овојпат на гостувањето во Штип, совладувајќи го домашниот тим „Тим Арена“ со 59:65.
Со оваа победа, кошаркарките на „Струга 2009“ го потврдија одличниот старт на сезоната и со три победи од три одиграни натпревари се искачија на првото место на табелата.
Стружанките одиграа одлични три четвртини, во кои ја наметнаа својата игра, особено во одбраната, и успеаја да создадат предност од повеќе од 20 поени. Домашниот состав во последната четвртина се обиде да се врати во натпреварот, но избраничките на тренерот Владимир Ѓоровиќ покажаа карактер и ја сочуваа предноста за нов триумф.
По натпреварот, тренерот Ѓоровиќ ги сподели своите впечатоци:
„Секогаш е тешко гостување, особено поради долгиот пат до Штип, но мислам дека моите кошаркарки одиграа речиси перфектни три четвртини, особено во одбраната. Предноста во еден момент надмина и 20 поени. Во последната четвртина имавме сериозен пад во играта, но со присебноста на Зиба, која ги реализираше сите 10 слободни фрлања, успеавме да ја задржиме предноста и да победиме.
Следува анализа на падот во последната четвртина. Убеден сум дека не станува збор за недостаток на физичка подготвеност, туку веројатно за мало опуштање и момент во кој како да се исплашивме од победата. Им честитам на моите кошаркарки за прикажаната игра, но и на екипата на „Тим Арена“ за фер-плеј натпреварот“, истакна Ѓоровиќ.
Најефикасни во редовите на „Струга 2009“ беа Зиба со 25 поени и Муртезај со 23 поени, вклучувајќи пет погодени тројки. Даути придонесе со 12 поени, Незири и Дукоска постигнаа по два, додека Таранeши го заврши натпреварот со еден поен.
„Струга 2009“ продолжува во победнички ритам, а трите победи од три натпревари се одлична потврда за амбициите и добрата форма на стружанки во продолжението од првенството.
StrugaOnline

