Кадетите на Струга освоија трофеј на турнирот во Лесковац, Србија
Младите ракометари на Струга имаа одличен настап на 19. издание на „Турнирот на ракометни надежи“ во Лесковац, Србија, од каде се враќаат со пехар, четири победи и две индивидуални признанија.
Најголемиот успех го оствари кадетската екипа на Струга, која по голема борба го освои првото место, совладувајќи го во неизвесното финале составот на Потисје Плетекс од Ада со 18:17.
Финалето донесе вистинска спортска драма, а победничкиот гол за стружани беше постигнат од слободен удар по истекот на времето, со што беше запечатен големиот триумф и освоен турнирскиот пехар.
Покрај екипниот успех, Струга освои и две индивидуални награди. Симон Трпоски беше прогласен за најдобар голман на турнирот, додека Петар Дуноски го доби признанието за најкорисен играч (MVP).
Струга на турнирот настапи во сите три возрасни категории, со вкупно 50 млади ракометари од генерациите 2010, 2012 и 2014 година. Во текот на трите натпреварувачки дена, стружани одиграа вкупно 12 натпревари против екипи од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Унгарија и Косово.
Покрај кадетскиот триумф, пионерската и помладата пионерска екипа на Струга го освоија петтото место во своите категории, во конкуренција на по осум екипи. Двете селекции забележаа по две победи и два пораза.
Настапот во Лесковац претставува значајно меѓународно искуство за младите струшки ракометари, кои имаа можност да ги одмерат силите со врсници од повеќе земји и да стекнат нови спортски искуства.
Со освоениот пехар, четирите победи и индивидуалните признанија, младите ракометари на Струга уште еднаш го потврдија потенцијалот на струшката ракометна школа и најавија дека пред нив се нови спортски предизвици и успеси.
StrugaOnline

