Лекари од охридската болница „Св. Стефан“ објавија научен труд во престижно меѓународно кардиолошко списание
Тим лекари од Специјализираната болница за кардиоваскуларни заболувања „Св. Стефан“ од Охрид оствари значаен меѓународен научен успех, откако нивниот научен труд беше објавен во реномираното списание „European Heart Journal – Case Reports“, кое е дел од Европското здружение за кардиологија.
Автор на научниот труд е д-р Благоја Стефановски, интервентен кардиолог во болницата, а како коавтори се потпишуваат д-р Бранка Милачиќ, кардиолог во Одделението за интензивна нега, и д-р Елена Коваческа Башуроска, раководителка на одделот.
Во трудот е презентиран редок и комплексен клинички случај на доцна перфорација на коронарна артерија, комплицирана со срцева тампонада. Станува збор за состојба која се појавила три дена по извршена примарна перкутана коронарна интервенција кај млада пациентка со спонтана дисекција на коронарна артерија и инфаркт на миокардот со СТ-елевација.
Од охридската болница истакнуваат дека објавувањето на трудот во ова меѓународно научно списание претставува значајно професионално признание за авторскиот тим, но и за целата здравствена установа, потврдувајќи го квалитетот на стручната и научноистражувачката работа.
Посебниот придонес на трудот е во укажувањето на важноста од континуирано и внимателно следење на пациентите по интервентни кардиолошки процедури, како и навремено препознавање на ретки компликации кои можат да бидат опасни по живот.
Овој успех претставува уште една потврда за стручниот потенцијал на медицинскиот кадар во охридската болница и придонес кон афирмацијата на македонската кардиологија на меѓународната научна сцена.
StrugaOnline

