Злато и бронза за струшките пливачи Нарт Домазети и Јован Кутаноски на меѓународен натпревар во Босна
Со повеќе од 450 учесници и силна меѓународна конкуренција, струшките пливачи Нарт Домазети и Јован Кутаноски остварија одличен успех, освојувајќи златен и бронзен медал на престижен натпревар во Босна и Херцеговина.
Струшкото пливање забележа нов успех на меѓународната сцена. Нарт Домазети се закити со златен, а Јован Кутаноски со бронзен медал на натпреварот во Босна и Херцеговина, на кој учествуваа над 450 натпреварувачи од Унгарија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
На овој престижен натпревар, струшкиот клуб „3 Дисциплини“ настапи како единствен претставник од Струга, а и покрај тоа што учествуваше со само една третина од својата натпреварувачка екипа, успеа да обезбеди пласман во финалето меѓу најдобрите осум и да освои два медала.
Од клубот посочуваат дека станува збор за натпревар на кој конкуренцијата е силна, а за конечниот пласман одлучуваат стотинки. Токму затоа, освоените медали претставуваат значаен успех и потврда за посветеноста, трудот и континуираната работа на младите пливачи.
Покрај успесите на докажаните натпреварувачи, посебен акцент на последните два натпревари бил ставен и на најмладите членови на клубот, кои допрва ги прават првите чекори во пливањето.
Меѓу нив се Боран, Алина, Етрит и Игнатиј, дел од младата екипа составена од 20 деца родени во периодот од 2017 до 2020 година.
Од клубот велат дека настапите на вакви натпревари се важни за најмладите, бидејќи им овозможуваат да стекнуваат драгоцено искуство, да се соочуваат со силна конкуренција, да учат и да напредуваат, градејќи ги темелите за идните спортски успеси.
Честитки упатија и до Матеј Лазороски, Петар Шикоски, Јана Биљетина, Горјан Шумуликоски и Христијан Нически, кои, според клубот, биле на само една секунда од пласман на победничкиот пиедестал.
Од клубот истакнуваат дека досегашните резултати на повозрасните пливачи се потврда дека со посветена работа се создаваат шампиони, додека вложувањето во најмладите претставува важен чекор кон идните успеси.
Воедно, упатија голема благодарност до Општина Струга за поддршката, посочувајќи дека без неа настапот на овој натпревар немало да биде реализиран.
Со злато, бронза и ново натпреварувачко искуство, струшките пливачи продолжуваат да ја претставуваат Струга на меѓународната спортска сцена, а успесите на младите натпреварувачи се дополнителен мотив за продолжување на работата и развојот на пливањето во градот.
StrugaOnline

