Денеска промоција на стрип-книгата „Бесконечниот пат“ на д-р Ѓоко Докоски во Струга
Националната установа Центар за култура „Браќа Миладиновци“ – Струга ги поканува сите љубители на стрипот и уметноста на промоцијата на авторската стрип-книга „Бесконечниот пат“ од д-р Ѓоко Докоски, која ќе се одржи денеска со почеток во 19:30 часот во фоајето на Центарот за култура.
Станува збор за дело кое, според организаторите, отвора нови хоризонти на имагинацијата и раскажувањето, нудејќи уникатно патување низ светот на деветтата уметност.
Посебен гостин на настанот ќе биде претседателот на Стрип центар на Македонија, Ване Трајков од Велес, чие присуство ќе придонесе вечерта да биде вистински празник за љубителите на стрип-културата.
Организаторите најавуваат дека посетителите ќе имаат можност да зачекорат во свет каде што цртежот и приказната се спојуваат во едно, отворајќи бесконечни светови на креативност и инспирација.
Од Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ ги покануваат сите заинтересирани да бидат дел од ова необично патување низ светот на стрипот и да ја проследат промоцијата на најновото авторско дело на д-р Ѓоко Докоски.
StrugaOnline

