Леонид Тодороски од „Јахја Кемал“ Струга освои бронзен медал на Светската математичка олимпијада во Кина
Ученикот Леонид Тодороски од средното училиште „Јахја Кемал“ Струга освои бронзен медал на 67. Интернационална математичка олимпијада (IMO 2026), која годинава се одржа во Шангај, Кина.
Како член на македонската репрезентација, Тодороски освои 16 поени, што му донесе заслужен бронзен медал на најпрестижниот светски натпревар по математика за средношколци.
Од училиштето истакнуваат дека овој успех е резултат на неговиот талент, посветеност, упорност и долгогодишна работа, додавајќи дека претставува голема гордост за училиштето и инспирација за сите ученици.
„Од срце му честитаме на Леонид за овој извонреден успех и му посакуваме уште многу победи, достигнувања и успеси во иднина“, порачаа од „Јахја Кемал“ Струга.
Одличен настап забележа и целата македонска репрезентација на IMO 2026, освојувајќи еден златен медал, три бронзени медали и една пофалница.
Резултатите на македонските натпреварувачи се следните:
- Дамјан Давков – 33 поени, златен медал;
- Ивано Божиновски – 18 поени, бронзен медал;
- Леонид Тодороски – 16 поени, бронзен медал;
- Андреј Тасиќ – 16 поени, бронзен медал;
- Филип Калкашлиев – 14 поени, пофалница;
- Марко Митевски – 13 поени.
Македонската репрезентација на 67. Интернационална математичка олимпијада беше предводена од проф. д-р Мирко Петрушевски, додека заменик-водач беше Алексиј Тасиќ.
Интернационалната математичка олимпијада (IMO) е најпрестижниот светски натпревар по математика за средношколци и секоја година ги собира најдобрите млади математичари од десетици земји ширум светот.
StrugaOnline

