Лев банер Десен банер

Хотелите на охридско-струшката ривиера бараат начин да ги намалат трошоците преку обновливи извори на енергија

Растот на цените на енергенсите и високите трошоци за греење и ладење ги принудуваат хотелите и угостителските објекти во Охрид и Струга сè повеќе да размислуваат за инвестиции во обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност. Соларните централи, топлинските пумпи, подобрата изолација и современата опрема стануваат важен дел од стратегијата за поекономично и поодржливо работење.

За туристичкиот сектор во Охрид и Струга кој во голема мера зависи од природните ресурси и атрактивноста на дестинацијата, енергетската транзиција има и економска и еколошка димензија. Помалата потрошувачка значи пониски сметки за компаниите, но и помало загадување и притисок врз животната средина.

Хотелиерите велат дека Охрид има поволни природни услови за искористување на сончевата енергија, но потенцијалот сè уште не е целосно искористен. Дел од нив веќе поставиле фотоволтаични системи, особено по енергетската криза, но потребни се дополнителни инвестиции за поголема енергетска независност.

„Имаме околу 300 сончеви денови и тоа треба максимално да го искористиме, затоа што цените на струјата не знаеме, некогаш се покачува, некогаш паѓа и така. Значи, за една стабилност која треба да ја добиеме, треба да поставиме многу повеќе соларни централи на овие простори. Исто така се нудат топлински пумпи“, вели Крсте Блажески, претседател на Хотелската асоцијација (ХОТАМ).

Тој посочува дека првите позначајни инвестиции започнале по поскапувањето на енергенсите пред четири до пет години, кога хотелите биле принудени да бараат решенија за намалување на сметките.

„После првите поскапувања пред некои 4-5 години, со првата енергетска криза што дојде, доста хотели преминаа и направија соларни централи, колку-толку да може да се помогне во намалување на сметките. Но, не е доволно, затоа што енергијата е секогаш потребна. Сите нови и модерни работи изискуваат и трошат повеќе енергија“, објаснува Блажески.
Особено голем предизвик претставува зимскиот период, кога потрошувачката за греење е висока, а туристичката посетеност значително помала.

Во такви услови, хотелите што сакаат да работат и надвор од главната туристичка сезона се соочуваат со сериозна економска пресметка. Високите трошоци за одржување и греење, во комбинација со малата исполнетост, кај дел од нив ја наметнуваат одлуката за привремено затворање на објектите и користење на зимските месеци за реновирање.

„Во хотелот во мај месец, некојпат знаеме и мораме да грееме, така што тоа е една од ставките кои треба да ги покриваме. Затоа многу хотели решаваат зимските месеци, критичните зимски месеци, барем да затворат, да реновираат во тој период, затоа што станува и не станува. Колку и да се прави таа инвестиција во енергетска ефикасност, таа однекаде треба да се врати“, вели Блажески.

Токму повратот на вложените средства е еден од клучните фактори при одлучувањето за нови инвестиции. Соларните панели се само еден дел од решението, додека енергетската ефикасност подразбира и современи системи за греење и ладење, топлински пумпи, подобра топлинска изолација и опрема со помала потрошувачка.

Од туристичкиот сектор велат дека финансиската поддршка, особено преку европските фондови и програмите за зелена транзиција, може да има значајна улога во поттикнувањето на хотелите и угостителските објекти да инвестираат во енергетски ефикасни решенија.

StrugaOnline

error: