Концерт на „Охридско лето“ во спомен на маестро Александар Џамбазов

- Локални
337

Концерт посветен на великанот на македонската современа музика Александар Џамбазов ќе се одржи вечерва на сцената Долни Сарај со почеток во 21 часот.

Под диригентската палка на Љупчо Мирковски, солисти на вечерта ќе бидат пијанистот Бобан Мирковски, сопранот Наде Талевска и тенорот Ѓорѓи Цуцковски кои заедно со Ревискиот оркестар на Љупчо Мирковски ќе изведат познати композиции од маестро Џамбазов.

Македонскиот композитор и диригент Александар Џамбазов почина на 25 јануари годинава а зад себе остави богат творечки опус. Тој е автор на сценска и филмска музика, на детски песни, на дела од класичната музика, а исто така е композитор на хорски песни, како и на голем број популарни мелодии. Иницијатор е, и долгогодишен диригент на фестивалот на детски песни „Златно славејче“.

За својата обемна творечка дејност во областа на музиката, маестро Џамбазов е добитник на бројни стручни награди.

Вечерашниот концерт ја заокружува музичката програма на годинешното 62-ро издание на „Охридско лето“, а фестивалот свечено ќе биде затворен утревечер со театарската претстава „Вујко Вања“  од Антон Павлович Чехов, во режија на Егон Савин, а во изведба на Југословенски драмски театар-Белград, Србија.

 

 

Facebook Коментари