Охридскиот камерен оркестар со концерт „Мозаик на жанрови“ на 28 октомври во Центарот за култура во Охрид
Љубителите на музиката во Охрид ќе имаат можност да уживаат во спојот на класични дела и популарни мелодии на концертот „Мозаик на жанрови“, кој ќе се одржи во среда, на 28 октомври 2026 година, во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ – Охрид.
Во рамките на годишната програма и богатата културна понуда, охридскиот Центар за култура го најавува музичкиот настан „Циклус на концерти: Мозаик на жанрови“, на кој ќе настапи Охридскиот камерен оркестар.
Концертот ќе се одржи во Малата сала на Центарот за култура во Охрид, со почеток во 13 часот. Пред охридската публика ќе биде изведена внимателно одбрана музичка програма, составена од познати дела од класичната и забавната музика.
Како солисти на концертот ќе настапат Исабела Димовска, Ѓоко Чеменкоски и Билјана Буџакоска, кои заедно со камерниот оркестар ќе придонесат за разновидна музичка содржина.
Проектот „Мозаик на жанрови“ има за цел да ги обедини различните музички стилови и да ја доближи уметничката музика до пошироката публика, преку преплетување на класичните звуци и популарните мелодии.
Настанот е поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Македонија, а влезот за сите посетители е слободен.
StrugaOnline

