Поставена биста на Томас Транстромер во седиштето на СВП

- Локални
224

Во спомен домот на Браќата Миладиновци, вчера свечено беше откриена бистата на Томас Транстромер, добитникот на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата во 2003 година.

Како што информираат од дирекцијата на Струшките вечери на поезијата, спомен обележјето чиј автор е академскиот вајар Сокол Цфарку е донација за Струшките вечери на поезијата од страна на македонскиот иселеник во Шведска, Антонијо Трпeвски и неговата сопруга Пирко Т. Киленен.

-На настанот присуствуваа гости од Шведска, кои беа во организирана посета на земјава под водство на Антонијо Трпeвски и под покровителство на Дан Олофсон, познат шведски бизнисмен и филантроп, а исто така беа присутни членови на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата и истакнати претставници од културата.-соопштија од СВП.

Како специјални гости на настанот беа Миодраг Станковски, преведувачот на Томас Транстромер од шведски на македонски јазик и неговата сопруга Мариан Станковски.

Миодраг Станковски во своето обраќање зборуваше за предизвикот да се преведе повеќеслојната поезија на нобеловецот Томас Транстромер кој ги третира вечните теми на животот, смртта и мистичното чувствување на природата. Тој евоцираше и спомени од настапот на Томас Транстромер како лауреат на Струшките вечери на поезијата во 2003 година. Мариан Станковски ја прочита специјалната порака за овој повод од Моника Транстромер, сопруга на Томас Транстромер, којашто изрази задоволство од чинот на поставување на ова спомен обележје. 

Директорот на СВП, Тодорче Тасевски, во своето обраќање истакна: 

„Ја имаме честа Томас Транстромер, големото име на светската поезија, да биде лауреат на Струшките вечери на поезијата, а имавме и среќа да го имаме извонредниот преведувач Миодраг Станковски, којшто мајсторски ја преведе поезијата на Транстромер од шведски на македонски јазик. Монографијата со избрани песни од Томас Транстромер е мостот што ги зближува нашите две култури и жив паметник на силата на поетскиот збор, како на авторот, така и на препејувачот. Од денес, имаме уште еден споменик отелотворен во ова прекрасно дело од нашиот истакнат акедемски вајар Сокол Цфарку, кој исто така мајсторски го долови ликот на Томас Транстромер.“

На настанот беа прочитани песни од Томас Транстромер на македонски и на шведски јазик, а помеѓу гостите од Шведска беа и музичари што го збогатија настанот со својот настап.

Томас Транстромер е еден од најпознатите шведски поети. Неговата поезија се карактеризира со чувството на мистерија и на чудо под површината на рутината на секојдневието, што им дава една религиозна димензија на неговите песни. Роден на 15 април 1931 година, а починал на 26 март 2015 година. Добитник е на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата во 2003 година, а добитник на Нобеловата награда за книжевност во 2011 година.

Strugaonline

Facebook Коментари