Промоција на онлајн алатката „Локален избор 2017“ во Струга

- Локални
1178

Институтот за истражување Импакт, на 26 септември во Струга пред хотел Белград од 11-14 ч. ќе одржи презентација на онлајн алатката Локален избор достапна на www.lokalenizbor.mk

Во целост Ви го пренесуваме нивното соопштение за јавноста поврзано со оваа апликација :

-Институтот за истражување – Импакт со задоволство ви ја претставува алатката „Локален избор“, која ќе биде достапна на македонски и албански јазик на www.lokalenizbor.mk од почетокот на изборната кампања до денот на локалните избори.

„Локален избор“ е бесплатна онлајн алатка којашто им овозможува на гласачите да ги споредат своите позиции со позициите на кандидатите и партиите кои ќе учествуваат на престојните локални избори. Граѓаните имаат можност да одговорат на серија од 20 внимателно селектирани искази по важни прашања групирани во осум тематски области и тоа: урбанизам и комунални работи, заштита на животната средина, безбедност, транспарентност и учество на граѓаните, децентрализација, економски развој, социјална грижа и еднакви можности. Во фокусот на алатката се општините Аеродром, Чаир, Струга, Струмица и Росоман.

Исказите се одбрани врз основа на претпоставката дека прашањата на кои кандидатите и партиите најчесто се осврнуваат во јавниот дискурс се оние поважните за гласачите. Кодирани се вкупно 18 кандидати и советнички листи во петте општини. Сите кандитати и советнички листи беа контактирани за самостојно да ги кодираат сопствените позиции и да приложат доказен материјал (цитати и линкови) за нивните тврдења. Осум кандидати и советнички листи се одзваа на барањето. Паралелно со самокодирањето, нашиот тим на истражувач(к)и вршеше независно кодирање на позициите на политичките партии, внимателно анализирајќи ги партиските програми, медиумските изјави и интервјуа, како и изборните програми од претходни изборни циклуси таму каде тоа беа применливо. Потоа, самокодирањето и независното кодирање беа споредени и кандидатите беа контактирани во случај кога двете не се совпаѓаа, со можност да достават дополнителен доказен материјал што ја поддржува нивната позиција. Конечните одлуки на истражувачкиот тим беа подлежни на тројно проверување од останатите членови на тимот и надворешни соработници.

Согласно одговорите на дваесетте искази, позициите и на политичките партии, и на граѓаните се пресметани според просторниот модел на политички натпревар.

Позициите се пресметуваат во однос на главните димензии на политички натпревар, каде може да се види поставеноста на граѓаните според степенот на сличност помеѓу нив и партиите, односно кандидатите.

Пресметката на позициите се базира на математички алгоритам, кој е апсолутно независен од било каква интервенција и влијание на истражувачкиот тим и кандидатите. Важно е да се укаже и дека алатката не им кажува на корисниците за која партија или кандидат да гласаат, туку едноставно им покажува каде се поставени нивните лични ставови на политичката сцена и согласно тоа, кои кандидати им се блиски, а кои далечни во однос на политичките ставови. 

„Локален избор“ е изработен од тим на истражувач(к)и од Институтот за истражување – Импакт. Проектот е финансиран од Амбасадата на Кралството Холандија во Република Македонија. Доколку имате дополнителни прашања во врска со алатката, контактирајте нѐ на [email protected] или на [email protected].

Извор: Институт за истражување – Импакт

Strugaonline

Facebook Коментари