Тринаесетти традиционален планинарски марш „Црн Камен 2026“ ќе се одржи на 28 јуни на Јабланица
Љубителите на планината и природата на 28 јуни 2026 година повторно ќе имаат можност да бидат дел од традиционалниот планинарски марш „Црн Камен 2026“, кој по тринаесетти пат ќе се одржи на планината Јабланица.
Во организација на ПЕД Закамен и ПК Дипсакус, планинарите ќе се искачуваат до највисокиот врв на Јабланица – Црн Камен, на надморска височина од 2258 метри. Организаторите најавуваат незаборавно дружење, прекрасни планински пејзажи и вистинско уживање во природните убавини што ги нуди Јабланица.
Покрај главниот марш во недела, заинтересираните учесници се поканети и на кампување и дружење во селото Горна Белица, кое ќе започне во сабота, 27 јуни. Камперите ќе можат да постават шатори во дворот на поранешната караула на АРМ, а вечерта ќе биде организирано дружење покрај логорски оган.
Маршот официјално започнува во недела во 7:45 часот од Горна Белица. Патеката води низ шумски предели, а потоа продолжува по отворен планински терен и патролна патека до врвот Црн Камен. По паузата на врвот, учесниците ќе се упатат кон Вевчанска локва, а потоа повторно ќе се вратат во Горна Белица.
Според организаторите, патеката е средно тешка, долга околу 12 километри во двата правци, со висинска разлика од околу 750 метри. За комплетната тура се предвидени околу седум часа пешачење.
За учество потребна е добра психофизичка подготвеност, високи планинарски обувки, соодветна облека за променливи временски услови, како и доволно вода и храна.
Пријавувањето е задолжително за сите учесници и треба да се изврши најдоцна до 20 јуни 2026 година преку телефонските броеви:
078-217-597 (Димитри),
077-538-003 (Глигор),
078-612-264 (Наум),
075-582-713 (Драган),
или на електронските адреси:
pedzakamen@gmail.com
contact@dipsakus.mk
Дополнителни информации може да се добијат и преку Инстаграм и Фејсбук профилите на ПЕД Закамен и ПК Дипсакус.
StrugaOnline

