Утре во Струга ќе се одржи средба со младите за инклузија, еднаквост и безбедност
Општина Струга, во соработка со Младинскиот образовен форум (МОФ) и со поддршка од Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА), организира презентација на процесот за ажурирање на Локалната младинска стратегија и нејзино усогласување со Агендата за млади, мир и безбедност.
Настанот ќе се одржи утре, 29 октомври 2026 година, со почеток во 12 часот, во салата на Советот на Општина Струга.
На средбата ќе се разговара за потребите и приоритетите на младите, нивното активно учество во креирањето локални политики, како и за следните чекори кон изнаоѓање конкретни решенија за предизвиците со кои се соочуваат младите во Струга.
Преку овој процес се отвора простор за младите да ги споделат своите ставови, идеи и предлози, со цел нивните потреби да бидат земени предвид при креирањето на локалните политики и стратешките документи.
Посебен акцент ќе биде ставен на унапредувањето на инклузијата, еднаквоста и довербата, како и на создавањето можности за поголемо и поактивно учество на младите во општествените процеси.
Со ажурирањето на Локалната младинска стратегија и нејзиното усогласување со Агендата за млади, мир и безбедност, се отвора можност за дефинирање на приоритети и насоки за идни активности насочени кон подобрување на положбата на младите во Струга.
Организаторите ги повикуваат младите да земат учество на средбата и активно да придонесат во дискусијата за иднината на младите во општината.
Настанот ќе се одржи на 29 октомври 2026 година (четврток), со почеток во 12:00 часот, во салата на Советот на Општина Струга.
StrugaOnline

