Тодорче Тасевски: Во полн ек се подготовките за јубилејното издание на СВП, стихови од Блаже Конески ќе се читаат на повеќе јазици

- Интервју, Локални
197

Во рамки на денешното Play cafe на Play radio, зборувавме за Струшките вечери на поезијата, манифестација која не само што ја негува и секоја година ја продолжува својата традиција, туку се грижи и за зачувување на сите документи, снимки, рачни ракописи од голем број поети ширум светот, истите сега го красат Државниот архив на Македонија-одделение Охрид.

Директорот на СВП,  Г-дин Тодорче Тасевски истакна дека соработката со охридскиот архив се реализираше со цел овие значајни книжевни документи и аудио-визуелни материјали да бидат соодветно заштитени , зачувани за идните генерации, но да бидат и соодветно презентирани и достапни за истражувачката фела.

Во полн ек се и подготовките за големиот јубилеј , во авгсут ќе се одржи шеесеттото издание на манифестацијата ,,Струшки вечери на поезијата“.

-Да се организира толку значаен јубилеј е голем предизвик и во стандардни услови, а во пандемија посебно. Минатата година поетите од странство беа претставени преку видео читања, годинава поголем дел од нив ќе бидат физички присутни во Струга. Поканите се веќе испратени и голем дел од поетите го потврдија своeото присуство.  И во услови на пандемија ќе имаме достојно јубилејно издание.Шармот на оваа манифестација ќе се врати целосно тогаш кога ќе заврши пандемијата, бидејќи нејзиниот шарм е во нејзиното одржување на јавен простор, а тоа сега не е можно. Нашата цел е да бидеме креативни, во услови на пандемија треба да се избере и соодветен простор и да се зачува сјајот на манифестацијата – вели Тасевски.

Годинава СВП ќе го чествува и ликот и делото на великанот Блаже Конески

-По повод 100 години од раѓањето на Блаже Конески за оваа година е планиран посебен програмски дел посветен на неговиот лик и дело. Ќе биде промовирана монографија со поезија и проза на Конески, ќе бидат претставени илустрации инспирирани од Блаже Конески, а неговите стихови ќе се читаат на повеќе јазици. –информираше директорот на СВП.

Со Тодорче Тасевски разговаравме и за неговата борба со ковид 19 и добивме убави вести.

,,Мојата објава за мојата борба со ковид 19 имаше една цел – да упатам апел до граѓаните да бидат максимално внимателни. Голготата помина, со полна пареа се враќам на своите работни обврски,,-изјави Тасевски.

Целиот разговор можете да го проследите во следново видео:

Извор: Плеј радио

фото: архива

Facebook Коментари