Започнува Балканскиот поетски Камп за млади „Ванчо Николески“

- Локални
172

Млади надежни поетски имиња од Република Македонија, Бугарија, Грција, Албанија, Турција и Хрватска  учествуваат на шестото издание на Балканскиот поетски Камп за млади „Ванчо Николески“ што се одржува во село Лескоец.

Свеченото отварање се одржа утрово во ОУ „Ванчо Николески.“

По свеченото отворање на манифестацијата, учесниците и организаторот – Друштвото за литература и култура „Мацково“, ќе оддадат пиетет кон Николески со полагање цвеќе на неговото вечно почивалиште во Охрид.

Организаторите информираат дека годинава, како плод на воспоставената прекугранична соработка со Организацијата за литературно и културно активирање од Корча, Албанија, Кампот внесува нова содржина со тоа што утре учесниците и организаторите од Охрид и Црвена Вода, местото на раѓањето на Николески, ќе се префрлат во областа Мала Преспа, Албанија, регион населен со етнички Македонци. Таму тие ќе бидат гости на своите другарчиња од средното училиште во Пустец, како и на општина Пустец, каде ќе ги прими градоначалникот Пали Колефски.

Централниот прекуграничен настанче се одржи во селото Глобочани, родното место на Стерјо Спасе, врвен литературен деец во Албанија со етничко македонско потекло. Во Спомен домот подигнат во негова чест познавачи ќе говорат за ликот и делото на писателот, додека поетите ќе читаат песни пред монументот на Стерјо Спасе.

Годинешните учесници ќе бидат примени и во општините Охрид и Дебрца од страна на градоначалниците. Ќе имаат можност да ја разгледаат богатата Галерија на дела од Ликовната колонија Дебрца во Белчишта, како и Спомен собата на Николески во Црвена Вода и неговата родна куќа.

Во рамки на кампот, работилници по креативно пишување ќе одржи поетот Христо Петрески.

Организаторите додаваат дека кампот се одржува паралелно со Струшките вечери на поезијата, каде учесниците благодарение на воспоставената соработка со менаџментот, ќе имаат можност да проследат дел од манифестациите на светскиот поетски фестивал вклучително и Поетскиот портрет на лауреатот на „Златен венец“ на СВП за 2024 година, во црквата „Св. Софија“ во Охрид.

Во Охрид, ќе ги разгледаат најзначајините споменици на македонската историја и култура и ќе го посетат Музејот на холандскиот писател А. Ден Долард, каде ќе читаат свои творби.

Балкански поетски камп за деца и млади „Ванчо Николески“ се одржува под покровителство на Светската академија на поезијата при УНЕСКО, со седиште во Верона, Италија, додека, финансиски е помогната од општините Охрид и Дебрца, како и од спонзори и помагатели.

Strugaonline

Facebook Коментари