Заживува филигранството во Охрид

- Локални
107
Заживува филигранството во Охрид. Стариот добар занает по кој надалеку бил познат овој крај, конечно се враќа.

Приказната за прекрасниот накит од сребро денес ја раскажуваат двајца млади луѓе, кои со голема љубов го научија занаетот. Со вештите раце изработуваат уникатен накит.

Во најразлични форми,сите ситни, минијатурни, кои потоа се спојуваат излегува прстен, брош, манжетна за кошула, белезица, обетки или синџирче со стотици ситни делчиња.

Најважно во филигранството, покрај умешноста и фантазијата на мајсторотот, е неговата трпеливост. За да се состават сите делчиња, требаат денови.

-Нема лесен занает но кога се работи со љубов значи кога ќе седнеме седум осум саати поминува времето многу брзо. Ни сами не сме свесни кога поминало времето бидејки работиме интензивно и со љубов, вели Митко Укоески, кујунџија.

Немаат семејна кујунџиска традиција, но имаат чувство за префинетост и љубов кон занаетот кој воедно е врвна уметност.Младите филигранисти се единствени, кои накитот го комбинираат со македонски рубини.

-Имаме сто отсто македонски производ, рачно изработен од кој голем дел го изработуваме со македонски рубин. Имаме соработка со сертифициран производител за брусење на македонски рубин во нашата земја, додава Укоески.

Со охридски филигран се китат бројни светски личности, актери, пејачи меѓу нив е и поранешната прва дама на американската дипломатија Медлин Олбрајт. Денес на уникатните творби работени по теркот на традиционално изворно филигранство се воодушевуваат туристите.

-Ова е сепак нешто што е рачна изработка нешто што може да дојдат и да го видат како тоа токму на лице место се прави и има интерес, дури и млади кои сакаат да дојдат да видат како се прави филигран, вели Маријана Пипилева, изработувач на филигран.

Последниот врвен кујунџија во Охрид беше Вангел Деребан, легендата на македонското кујунџиство или човекот со „златни раце“, кој почина пред пет години. Тогаш замре овој занает но овие млади вредни луѓе, надежни мајстори од пред две години станаа продолжувачи и чувари на древната традиција.

Текстот „Заживува филигранството во Охрид“ е дел од  проектот ,, Охрид во духот на етно- традицијата“  поддржан од Општина Охрид преку секторот за Туризам и локален економски развој.

Strugaonline

 

Facebook Коментари