Бесими: ДДВ-то за струјата ќе биде 18 отсто, тие што трошат помалку ќе добиваат пониски цени на струја

- Македонија
201

Владата нема да се повлече од намерата ДДВ-то на сметките за електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи на регулираниот пазар да се зголеми од 10 на 18 отсто од 1-ви јули, потврди министерот за финансии Фатмир Бесими.

Одговарајќи на новинарско прашање, зошто Владата не се ангажирала струјата и натаму да има ДДВ од 10 отсто, Бесими додаде дека нема да има законски интервенции. Според Бесими се прават пресметки и наскоро ќе се знае каков е ефектот на блок тарифите и во однос на ДДВ-то.

– Во тој дел веќе се презентирани даночните инструменти. Намалувањето на ДДВ-то беше една фаза во првичната енергетска криза со негово намалување од 18 на 5 отсто. Потоа тоа се зголеми на 10 отсто и враќањето на 18 проценти беше пролонгирано до јуни оваа година. Сега има нова методологија од Регулаторната комисија за енергетика со која се мотивира штедењето на потрошувачката со воведување на четири блок тарифи, рече Бесими.

Не само цената, туку и потрошувачката е дел од тоа, изјави министерот за финансии, поздравувајќи го фактот од воведувањето на четирите блок тарифи. Според Бесими, како компензација, Владата ќе продолжи да ги субвенционира трошоците за производство и снабдување на електрична енергија, што е и еден вид на компензација за зголеменото оданочување.

– Владата како сопственик на ЕСМ на Управниот одбор му даде насоки за цени пониски од цената на чинење и тоа значи дека ќе продолжиме со субвенционирањето. Нема да одиме со намалување на даночните давачки, туку со таргетирани мерки – додаде тој.

За потсетување, Марко Бислимовски, претседател на РКЕ, во периодот пред да бидат соопштени новите цени за струјата, оставаше простор за можност да не дојде до зголемување на ДДВ-то во сметките. Инаку, враќањето на ДДВ на струјата од 10 на 18 отсто, ќе значи зголемување за 2,5 отсто на крајната сметка што ја плаќаат домаќинствата со просечна потрошувачка. Министерот Бесими е сигурен дека враќањето на ДДВ-то нема да има значителен ефект врз сметките на граѓаните.

Извор: Слободен печат

фото:архива

Facebook Коментари