МЕД обележа трета женка рис со GPS-околувратник

- Македонија
642

Македонското еколошко друштво во соработка со НП „Маврово“ на почетокот на минатиот месец обележа нова единка од балканскиот рис, близу селото Ничпур, во НП „Маврово“.

-Оваа вест досега не ја објавивме поради вонредните случувања со ширењето на КОВИД-19 во нашата земја. Сепак, во последните неколку недели стекнавме доволно податоци за нејзиното движење и за пленот и сакавме да ја споделиме оваа убава вест со јавноста. – информираат од МЕД.

Се работи за здрава женка тешка 14,5 kg, а стара околу 10 години. Рисицата се вика Атиџе. Како и сите рисови досега, и таа носи околувратник и ни испраќа локации за своето движење. Утврдивме плен и сега сме сигурни дека Атиџе е во добра состојба, изјави Александар Павлов од Програмата за зачувување на балканскиот рис што ја спроведува МЕД.

Инаку Атиџе првпат е сликана со фотозамка во 2013 година и тогаш во базата на податоци се водеше како Б11. Според тимот на МЕД, интересен податок за Атиџе е што таа е десетти рис што се следи со GPS-околувратник за точно десет години следење единки од балканскиот рис со помош на овој метод.

Интересна коинциденција е што точно пред 10 години на истиот ден беше обележан рисот Марко! И ова е десетта единка за овие десет години. Убаво заокружување на досегашните теренски активности поврзани со сесијата за за мониторинг на рисот, изјави Диме Меловски од Програмата за зачувување на балканскиот рис што ја спроведува МЕД.

МЕД досега има обележано шест мажјаци и четири женки од ова ретко животно. Ваквиот сооднос е особено важен, зашто ќе стекнеме подобар увид во однесувањето и на мажјаците и на женките, особено по сезоната на парење, кога рисовите речиси и да не се среќаваат меѓусебно.

Балканскиот рис е најреткиот од деветте подвида на евроазискиот рис и исклучиво го населува Балканот. Според сознанијата, во природа постојат помалку од 50 возрасни единки, од кои најголем број живеат токму во македонските шуми. Поради оваа состојба, Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN) ова животно го смета за критично загрозено.

Strugaonline

Facebook Коментари