Сугарески: Владата им излезе во пресрет на граѓаните – ги продолжи роковите за легализација на дивоградби

- Македонија
874

На вчера одржана прес-конференција,  министерот за транспорт и врски Горан Сугарески информираше дека  на вчерашната  седница Владата го усвои предлогот на Министерството за транспорт и врски за измени и дополнувања на Законот за постапување со бесправно изградените објекти или во јавноста познат како закон за легализација на бесправно изградените имоти.

Сугаревски додаде дека  Министерството за транспорт врски по извршената теренска анализа и непосреден контакт со засегнатите странки утврдило дека во Република Македонија до сега, процентот на легализирани дивоградби е на ниво од само 40 % или околу 186.000 објекти коишто се легализиани и попишани во Катастарот. Од податоците со кои располага Министерството за транспорт и врски и Единиците на локалната самоуправа, било констатирано дека во најголем број случаи заради обемната и сложена административна постапка, граѓаните не успеале во предвидениот рок да го остварат своето право.

Тргнувајќи од принципот дека легализацијата на дивоградбите мора да биде праведна и достапна за сите категории на граѓани на кои овој проект им е неопходен за да конечно си го остварат уставно загарантираното право на сопственост, притоа државата да води сметка од ниту еден аспект да не го загрози социјалниот аспект на живеење, Владата денес одлучи да воведе нови рокови со кои на засегнатите граѓани ќе им овозможи дополнително време и тоа:

  • Прво, нови 12 месеци, сметано од 01 јануари до 31 декември 2018 година за сите граѓани кои претходно не успеале да поднесат Барање за легализација, сега тоа свое право да можат да го остварат во овој дополнителен рок и
  • Второ, нови 6 месеци, сметано од 01 јануари до 30 јуни 2018 година за сите граѓани кои за претходните Барања не ја обезбедиле неопходната документација, да стекнат право во овој дополнителен рок да поднесат нови Барања за легализација со комплетна документација.“ – истакна Сугаревски

Услов за легализација на објектот е истиот да бил изграден заклучно со 3 март 2011 година. И понатаму остануваат истите неопходни документи за аплицирање како и  претходно.

На одржаната прес конференција Министерот за транспорт и врски објасни како ќе се поедностави овој процес:

„Дополнително, за да нема никакви компликации, за сите претходни предмети кои имаат некомплетна документација, Единиците на локалната самоуправа преземаат обврска во најкус можен рок да ги известат сите засегнати странки дека нивните претходни Барања се невалидни, за да истите можат да го искористат новиот рок од 6 месеци, да поднесат ново Барање со целосна документација.

 Сметаме дека со тоа што предвидовме овие рокови да започнуваат да течат од 1 јануари 2018 година, оставаме доволно време на сите општини во Република Македонија, како и ние во Министерството за транспорт и врски заедно да ги извршиме сите неопходни подготовки и да ги ставиме во функција сите расположливи капацитети за да можеме сите нови Барања за легализација на дивоградби да ги завршиме во предвидените рокови.“

На крај, Сугаревски ги повика  сите пратенички групи во Собранието на Република Македонија да ги прифатат овие законски измени кои како што вели,  се исклучиво во интерес на граѓаните на Република Македонија.

Извор: Влада на РМ

Strugaonline

 

Facebook Коментари