Воздвижение на чесниот крст-Крстовден

- Македонија
284

Православните христијани денеска го одбележуваат празникот Воздвижение на чесниот крст или Крстовден, еден од 12-те големи празници, кој секогаш се паѓа на 27-ми септември.

 На овој ден се празнуваат две случувања во врска со Чесниот Крст Христов: прво пронаоѓањето на Чесниот Крст на Голгота и враќањето на Чесниот Крст од Персија повторно во Ерусалим. Поради неговата чудотворна моќ крстот е наречен и животворен крст.

Обиколувајќи ја Светата Земја, Светата царица Елена намислила да го побара Чесниот Крст Христов. Некој старец Евреин, по име Јуда, единствен го знаел местото каде што се наоѓал Крстот, па приморан од царицата изјавил дека Крстот е закопан под храмот на Венера, кој бил подигнат на Голгота од царот Адријан.

Царицата наредила и го разурнале тој идолски храм, па копајќи во дабочина нашле три крста.
Додека царицата била во недоумие како да го распознае Крстот Христов, покрај тоа место поминувала поворка со мртовец. Тогаш патријархот Макариј рекол да ги ставаат крстовите на мртовецот со ред, еден по еден. Кога ги ставиле првиот и вториот крст, мртовецот лежел непроменето. А кога го ставиле на него и третиот крст, мртовецот оживеал. По тоа познале дека тоа е чесниот и животворен Крст Христов. Потоа го ставиле и на една болна жена и жената оздравела. Тогаш патријархот го воздигнал Крстот, сиот народ да го види а народот со солзи пеел: „Господи помилуј!”

Царицата Елена направила ковчег од сребро и во него го положила Чесниот Крст. Подоцна царот Хозрој, освојувајќи го Ерусалим, одвел многу народ во ропство и го однесол Крстот Господов во Персија. Во Персија Крстот лежел 14 години.

Во 628 година грчкиот цар Ираклиј го победил Хозроја и со слава го повратил Крстот во Ерусалим.

Влегувајќи во градот, царот Ираклиј го носел Крстот на својот грб. Но одеднаш царот застанал и не можел ни чекор да направи. Патријархот Захарија го видел ангелот кој му попречувал на царот во раскошната царска облека да оди под Крстот и тоа по оној пат по кој одел Господ бос и понижен. Тоа видение патријархот му го објавил на царот. Тогаш царот се соблекол, па во бедна облека и босоног го зел Крстот, го изнесол на Голгота и го положил во храмот на Воскресението, на радост и на утеха на целиот христијански свет.

За подостоинствено празнување на празникот, но и за оддавање признание на светиот крст, како и за сочувствување со страдањата на Спасителот Исус Христос Светата црква го одредила овој ден како тежок празник и како строг пост.

извор: МПЦ-ОА

фото: архива

Facebook Коментари