МEД ја поздравува одлуката за прогласување на Јабланица за национален парк

- Локални, Македонија
1277

(Скопје, 23 јануари 2019) – Македонско еколошко друштво ја поздравува одлуката на Владата да ја поддржи иницијативата за прогласување на Јабланица за национален парк на 116та седница. Потсетуваме дека оваа иницијатива е долгогодишна и е поддржана не само од локалните и националните невладините организации туку и од месните заедници и општините Струга и Вевчани.

-Како невладина организација што е вклучена во иницијативата за прогласување на Јабланица за национален парк и за чија цел уште во 2006 година изработивме Студија за валоризација на природните вредности за планината Јабланица, го поздравуваме овој исчекор на Владата и напорите на месните заедници и општините Струга и Вевчани за конечна заштита на планинскиот масив. Се надеваме на што поскора изработка на Студија за валоризација или ревалоризација на природните вредности на Јабланица со цел забрзување на постапката за прогласување, изјави Робертина Брајаноска, извршна директорка на Македонско еколошко друштво

Планината Јабланица поседува големи и значајни природни вредности и многу богат биодиверзитет заради што заслужува да биде дел од мрежата на заштитени подрачја во Македонија. Јабланица е специфична по своите физичко-географски карактеристики, а особено внимание, не само кај научниците туку и кај љубителите на планината, предизвикуваат јабланичките глацијални  езера чија старост се проценува на 10 до 15 илјади години.

Иницијативата за прогласување на Јабланица за национален парк првпат се спомнува во Стратегијата за биолошка разновидност со акциски план на Република Македонија, донесена од Владата на Република Македонија во 2004 година. Покрај националното значење, планината Јабланица има и меѓународно значење. Таа е дел од Балканскиот зелен појас, односно од Европскиот зелен појас, а претставува и важно подрачје за мечката, волкот и за рисот како европски значајни видови.

Македонија е една од земјите што се заложија за преземање итни чекори за зачувување на биолошката разновидност во рамки на Глобалниот стратегиски план за биолошка разновидност за периодот 2011–2020 година, кој е донесен во 2010 година во Нагоја, Јапонија. Според целите на тој план (познати како Цели од Аичи), секоја земја треба да ја одржи и прошири мрежата на заштитени подрачја, така што во светот до 2020 година треба да бидат заштитени и ефективно управувани најмалку 17 проценти од копнените подрачја. Со Националната стратегија за биолошка разновидност со акциски план за периодот 2018-2023 година, Република Македонија се обврзува на зголемување на површината на заштитени подрачја до најмалку 15 %. Јабланица, како дел од репрезентативната мрежа на заштитени подрачја е  предложена да биде заштитено подрачје од втора категорија – Национален Парк, што значително би придонело кон зголемување на процентот на заштитени области во Македонија кои во моментов зафаќаат околу 9 %.

МЕД потсетува дека планинскиот масив Јабланица – Шебеник во Албанија веќе има статус на национален парк прогласен во 2012 година и дека со прогласувањето на Јабланица за национален парк во Македонија ќе се воспостави прекугранично заштитено подрачје.

Strugaonline

Facebook Коментари