„Македонски концепт“ го анализира проблемот со плажите, имаат и предлози

- Локални
650

За плажите на Охридско струшкиот регион, пишува Перо Дејкоски „Македонски Концепт“

Средината на 2009 година Министерството за транспорт и врски за територијата на општина Струга отпочна со размислување околу уредувањето на плажите согласно Генералниот урбанистички план за Струга донесен со Одлука во Април 2007 година за да веќе кон крајот на декември 2009 година Министерството изврши Објава за јавно наддавање за давање на плажите под краткотраен закуп.

Во самата објава беа наведени неколку плажи-локации при што беа објавени и условите за учество со конкретни чекори за спроведување на постапката.

Во периодот помеѓу размислувањето и објавата на Огласот низ јавноста во Струга и струшко веќе на големо се зборуваше кој која плажа веќе ја зел,капарисал или бендисал, дека веќе се склучени одредени преддоговори за соработка,како материјалот за изградба на објектите веќе бил платен или нарачан и слично.Ваквите појави од дел на само прогласените најдобри понудувачи притоа беа зачинети со кодошења и инсинуации на другите заинтересирани лица и субјекти  кај одредени високи политичари кои раководеа со целиот овој процес.

Само, идејата како форма на Министерството околу ваквите огласи според мене беше добра а истовремено и избрзана од причини што не беше разработена до крај од програмски , правен и фактички аспект (барем од тоа што можеше да се види во Објавениот Оглас во дневниот весник Време).Воопшто не се водеше сметка за поблиското опкружување на плажите,какви објекти имаме во нивна непосредна близина,кои правни субјекти-хотелски капацитети веќе егзистираат на тоа потесно подрачје,колку спортски клубови со традиција и успех повеќе од 40 години се присутни тука и се репрезенти на струшкиот спорт  а секако не беше земена во предвид и традицијата на стружани околу користењето на двете најпопуларни градски плажи.При спроведувањето на овој процес имаше појава на двојни аршини каде што на еден од хотелските капацитети им беше склучен договор за користење на плажите со директна спогодба бидејќи имаа директен пристап до плажата, додека на другите хотели оваа работа им беше оневозможена со образложение дека пред хотелите поминува сообраќајница. Премногу паушално образложение од страна на министерството во тоа време доколку се имаат во предвид искуствата-примерите од соседните држави а секако и можноста за надминување на овој проблем со употребување на одредено архитектонско-сообраќајно решение . Во овој контекст би ги посочил примерите со Хотелот Плажа во Струга кој што секако ќе се сложите дека и  не би се викал Плажа во случајов доколку не беше лоциран на само 10-15 метри пред женската градска плажа и Хотелот Мираж кој што во тоа време беше во изградба.Едноставно со ваквата постапка не им се даде никаква можност на овие хотелски капацитети и погоре споменатите спортски субјекти за нивна дополнителна дејност, само-финансирање и егзистенција.

Но огласите беа спроведени,се избраа најдобрите понудувачи согласно изготвените урбанистичко-технички документации, се отпочна со уредување на плажите, закупците вложија и поголеми суми на средства за нивната изградба и опремување но истовремено започнуваат и проблемите.

Предметот на проблемите секако претставува градежното неизградено земјиште во сопственост на РМ кое што после уредувањето на плажите од страна на закупците од неизградено стана изградено земјиште.Што се случува понатака?Како ќе се регулираат меѓусебните односи помеѓу државата и закупците после периодот од 2 години закуп и можноста за продолжување најмногу до 5 години согласно огласот(според мене овој дел од објавата не беше добро формулиран.Требаше да стои со можност за уште 5 години.Вака толкувањето може да биде различно во смисла дали се работи за 2+3 години или пак се работи за 2+5 години)?Дали закупците врз основа на својот влог за уредувањето после завршувањето на  периодот од траење на закупот имаат право-можност за обештетување? На крајот од краиштата дали имаат ексклузивитет во користењето на тој простор?

После парламентарните избори во 2016 година од законски аспект беше дозволено да се пролонгира закупот на уште 2 години за да денес стигнеме до ситуација каде што тие договори за закуп одамна се завршени.Сеуште државата е нема околу сево ова.

Во меѓувреме и ДКСК со своја изјава и мислење се обрати околу овие случувања.Настана еден лавиринт од кој што тешко дека ќе може да се излезе.Од една страна имате закупци кои што ги изградиле тие објекти и ги уредиле тие плажи а од друга страна имате држава која што после рокот сака да си го поврати владението врз крајбрежјето.Прашањето е Како сето тоа да се направи,спроведе или изменаџира притоа двете страни да не бидат оштетени во случајов.

Дали после евентуалната разрешница на случајов ќе биде загарантирано и уставното право на секој граѓанин како би можело и други правни субјекти,физички лица или здруженија на граѓани  да конкурираат за истите,на каков начин сето тоа ќе биде регулирано и сл.

Ние од Македонски концепт после увидот во предметните договори го предлагаме следново:

  • Евентуално Обештетување на тие закупци а врз основа на професионално вештачење при што ќе се земат во предвид сите параметри.Колку вложил секој закупец и дали има доказ за тоа,за тој временски период колку што траело неговото владение врз плажите со колкав профит се стекнал,дали се придржувал кон пропишаните услови од огласот  и сл.
  • После завршување на оваа постапка предлагаме преку годишната програма на Владата на РМ да се изготват повеќе-нови државни урбанистички плански документации за оваа намена врз основа на објавен јавен повик,на кој ќе можат да конкурираат сите релевантни чинители од областа на архитектурата и урбанизмот со кои од овој аспект,на професионален начин ќе се уредат проблематичните плажи но и другиот дел од крајбрежјето притоа секако водејќи сметка и околу заштитата на животната средина.
  • Откако овие плански документации ќе станат од законски аспект правосилни би се пристапило кон  изготвување на класични проектни документации ,тендерирање за изградба и уредување,избор на градител-понудувач при што целава постапка би се финансирала и спроведувала од страна на државата.
  • После завршувањето на вака спроведената постапка, вака уредените плажи или таквиот простор за друга намена кој што е од државен интерес би се објавил  на Оглас за електронско јавно наддавање под посебно уреден Правилник за оваа намена .Во овој правилник би биле содржани сите услови за потребите на оваа постапка од објавата па се до склучувањето на договорот.

текст: Перо Дејкоски

фото: архива

Facebook Коментари