Во периодот од 1 јуни до 15 јули 2021 година,Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис во соработка со 8 локални граѓански организации,меѓу кои и Локалната агенција за развој, Струга,а со поддршка од Проектот на УСАИД за граѓанско учество, направи проценка на состојбата на доброто владеење на единиците на локалната самоуправа во Република Северна Македонија за 2021 година. Се анализираше работата на 80те единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје, во однос на принципите на транспарентност, свесност, пристапност и интегритет. Дополнително ЕЛС беа мониторирани според еден заеднички домен присутен во сите четири принципи, а тоа се отворените податоци. Користените индикаторите беа организирани во 4 области и 9 под-области. Четирите области одговараат на четирите принципи на отворено владеење: транспарентност, свесност, пристапност и интегритет. Индексот содржи и две поткатегории – општински совет и јавни претпријатија, со што се овозможува оценување на отвореноста на општината кога станува збор конкретно за работата на советот или јавните претпријатија.Изработката и ревизијата на Методологијата беа спроведени врз основа на детална анализа на националната стратешка и законска рамка на РСМ, меѓународни документи, иницијативи, стандарди, препораки и добри практики, истражувања за перцепциите и очекувањата на граѓаните на РСМ, како и интервјуа со релевантни чинители.Истражувањето за 2021 година покажа дека повеќето општини не работат доволно за да ги задоволат стандардите за отвореност. Резултатите во областите укажуваат на тоа дека ЕЛС применуваат ниски стандарди за консултации, транспарентност, мониторинг и контрола во нивното работење.
Просечниот резултат на единиците на локалната самоуправа според истражувањето преку Индексот на отвореност за 2021 година се прилично ниски. Највисока просечна оцена општинитеимаат за индикаторите во областа транспарентност,потоа пристапноста, оценката за интегритет е пониска,додека најниска просечна оцена имаат во областа свесност.Во однос на планските региони, истражувањето покажа дека најотворени се општините во Југоисточниот регион, со просечна отвореност од 34%, додека најмалку отворени се општините во Полошкиот регион со просечна отвореност од 19%.Општините од Југозападниот плански регион се со просечна отвореност од 24%,што ги рангира на 6то место од вкупно 8те плански региони.Истражувањето на Индексот на отвореност за 2021 година покажува дека ниското ниво на исполнување на принципите на добро владеење од страна на ЕЛС продолжува. Потребно е општините повеќе да работат на зголемување на отвореноста и нивното работење да го засноваат врз принципите на транспарентност, отчетност и учество, што, потпомогнато од новите технологии и иновациите, ќе го унапреди јавното управување и ќе ја зајакне јавната администрација и демократија.
Во иднина општините треба да ја зголемат транспарентноста во нивното работење, а особено објавувањето на податоци во однос на одлуките кои ги носат градоначалникот и Советот, стратешките и планските документи, документите за следење и мерење на ефективноста на политиките и податоците во однос на финансиското работење –велат од Локалната агенција за развој, Струга,партнер во истражувањето задолжен за проценката на општините од Југозападниот плански регион.
Потребно е локалните власти да објавуваат повеќе податоци и во континуитет да создаваат соработка со граѓаните и другите засегнати страни.Општинските веб-страници треба да бидат функционални,да содржат подетални информации и податоци корисни за граѓаните, да бидат развиени на високо и да бидат корисна алатка за граѓаните. Според направеното истражување може да се заклучи дека сѐ уште проблем е соодветното спроведување на законската рамка во областите кои се опфатени со истражувањето, пред сѐ Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, Законот за користење на податоците во јавниот сектор и законската регулатива за финансиското работење на ЕЛС.
Целосните резултати од Проценката ќе бидат објавени на 23 септември 2021.
Facebook Коментари