Општина Охрид, образовните и културни институции кои го носат името на преродбеникот и ловороносец Григор Прличев и Друштвото на писатели на Македонија, со традиционалната манифестација „Прличеви беседи“ ќе одбележат 129 години од неговата смрт.
Настаните започнуваат денес во 11:00 часот со свеченост по повод патрониот празник на ОУ„Григор Прличев“ и полагање свежо цвеќе пред споменикот во училишниот двор.
Од 12:00 часот во големата општинска сала е промоцијата на книгата „Охридски раскажувачи“ од проф.д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски.
Утре во 11:45 часот ќе биде отворена со изложба на фотографии од колекцијата на НУ Центар за култура „Григор Прличев” Охрид, што ќе се одржи во изложбениот салон.
Точно напладне во малата сала започнува свеченоста посветена на лауреатот на наградата. Ќе настапи градскиот мешан хор „Вокс Лихнидос“ со изведба на традиционалната песна „1762 лето“.
Свои обраќања ќе имаат претставници на Центарот за култура и општина Охрид, по што ќе биде претставена наградената поема „Цветко“ од Трајче Кацаров, а ќе има и артистичка изведба на истата. На годинашниот лауреат Трајче Кацаров ќе му биде врачена Повелбата за најдобра поема за 2021 година.
В недела од 11:00 часот ќе има панихида и полагање свежо цвеќе на гробот на Прличев. Од 12:00 часот кај споменикот во близина на охридската библиотека беседа за Прличев ќе одржи Зоран Пејковски од Друштвото на писатели на Македонија, а ќе бидат и врачени наградите за најдобрите литературни творби по конкурсот распишан од ОУ „Григор Прличев“.
извор: ОхридПрес
Facebook Коментари