Лев банер Десен банер

Сјајот на ,,Танец“ синоќа блесна во Струга

Синоќа Центарот за култура ,,Браќа Миладиновци“ –Струга ја имаше честа да биде домаќин на целовечерниот концерт на Националниот ансамбал за народни песни и игри ,,Танец“ во Струга.

Освен воодушевената струшка публика, своите импресии ги пренесоа и членовите на ,,Танец“.

,,Нема зборови што ќе ги опишат чувствата после прекрасен концерт. Затоа се тука фотографиите кои макар делумно ќе ги доловат впечатоците. А тие се  трајни за “Танец”. Веруваме и за струшката публика која вечерва верно не следеше во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“.“-стои во објавата на Националниот ансамбл.

„Танец“ е првиот професионален фолклорен ансамбл во Република Македонија, формиран во 1949 година со цел да ги собира и негува македонските традиционални песни и игри, народните носии и инструменти, и преку соодветен уметнички израз, сценски да ги претставува највредните форми од богатата ризница на македонскиот народ. „Танец“, име што го симболизира македонскиот народен танц (оро), е амбасадор на македонската народна уметност и култура низ целиот свет. Како подвижен музеј на нашето културно богатство, ансамблот неуморно ја шири убавината на македонските танци и песни, оставајќи свој белег на сцените во Азија, Америка, Австралија, Африка и насекаде низ Европа. Во текот на своето повеќе од седум децениско постоење, „Танец“ има учествувано на повеќе од 5.000 концерти и фестивали, настапувајќи пред полни концертни сали во Њујорк, Сиднеј, Мелбурн, Тел Авив, Рим, Париз, Лондон, Монтреал, Торонто и многу други светски метрополи.

Strugaonline

error: