Прослава на матура и избор на факултет во Македонија VS. Прослава на матура и образовен систем во Америка

- Интервју, Локални
2603

Завршувањето на средното образование и самиот чин на прославување на матурата во Македонија и на Балканот претставува посебен момент во животот на младите матуранти и на прославата и се дава големо значење. Околу овогодинешниото прославување како и за идните предизвици кои ги носи студирањето разговаравме со матурантот Цветко Митрески. За да направиме споредба за тоа како се слави во Македонија, а како во Америка, како и да ги увидиме разликите во менталитетот но и во образовниот систем разговаравме со Емилија Бимбилоска, матурантка која до третата година од средното образование учеше во Струга, а средното образование го заврши во Америка каде ќе продолжи да живее да се школува.

Strugaonline: Како помина прославата на матурата изминатиов викенд, колку ви се остварени очекувањата и колку реално таа вечер е важна за вас?

Цветко Митрески: Реално, моите очекувања беа многу помали од она што го доживеав за време на првата вечер од матурата. Забавата беше одлично организирана, а ние направивме атмосфера која ќе ја паметиме целиот наш живот. Подготовките за матурата за мене не беа проблем. Избрав гардероба која можам да ја носам и за други пригоди. Не сакав да биде нешто што е наменето само за една вечер.

Strugaonline: Каков е твојот став за начинот на прославување на матурата, за сите финансиски средства кои се трошат и бројот на гости кој  секој матурант го има дома? Прославувањето на матурата на тој начин се практикува не само во Македонија, туку на целиот Балкан, иако средното образование е задолжително

Цветко Митрески: Мислам дека тоа не е личен избор на матурантот, туку традиција која постои со години и само автоматски продолжува. Јас не би правел толку трошкови. Исто така, сега матурати се прославуваат и во ресторани, ние на пример славевме во ресторан поради тоа што имавме многу голем број на гости. Но сепак, лично за нас младите најважен е чинот на прославување со групата на врсници, тоа е тоа што најмногу се памети.

Strugaonline: Емилија, ти имаше можност да ја почувствуваш предматурската атмосфера во Америка со оглед на тоа дека средното образование го заврши таму. Како се прославува матурата во Америка, а како во Македонија?

Емилија Бимбилоска: Може да се каже дека матурата таму се слави поразлично. Најпрво машките во кафетерија или во спортската сала каде што вежбаме јавно ги покануваат своите партнерки за матура Слават во хотел, се собираат повеќе матуранти и до хотелот одат заедно со лимузина, а дел од нив одат посебно како парови.  Во хотелот има диџеј и матурата се слави со англиска, но и со шпанска музика. Таму многу се слуша шпанска музика, особено во пределот каде што јас живеам има многу шпанско население. Потоа, дел од матурантите забавата ја продолжуваат на брод, а други продолжуваат со забавата во куќите.

Strugaonline: Како се забавуваат младите овде, а како во Америка?

Емилија Бимбилоска: Во Америка полнолетство настанува на 21 година, на 18 години сме уште малолетни, младите како мене таму се собираат во куќи или на некое поголемо место. Има неколку клубови во кои примаат и лица кои имаат 18 години, но во глобала ретки се тие места. Искрено, мислам дека е многу правилно личноста да се смета за полнолетна на 21 година, пред се затоа што сепак на таа годишна возраст настапува поголема зрелост.

Strugaonline: Прославата на матурата траеше три дена и помина, она што е сега важно се предизвиците кои следуваат. Заминувањето од дома на студии е голема промена, од друга страна ќе имаш поголеми обврски бидејќи студирањето бара и поголема одговорност. Подготвен ли си?

Цветко Митрески: Промените не ми претставуваат проблем во животот.  Што се однесува до изборот на факултет, сеуште не сум цврсто одлучен што ќе студирам но многу ме влече спортот. Размислувам за запишување на Факултетот за физичка култура. Имам одредени очекувања за факултетот но секако знам дека праксата е најважна.

Strugaonline: Емилија, ти доживеа многу голема промена во секоја смисла, го промени местото на живеење, се најде во сосема нова средина и друг јазик. Каков е образовниот систем во Америка?

Емилија Бимбилоска: Образованието во Америка е многу поразлично од тука. Таму има само Гимназија, не постои можност за учење економски, медицина или други насоки. Јас овде во Струга учев средно економско, кога почнав да учам во Америка беше малку тешко бидејќи се сретнав со предмети кои овде никогаш не сум ги учела. Не беше лесно ниту со англискиот бидејќи таму сите го имаа сосема усовршено, но како поминуваше времето се навикнав и сосема се вклопив во нивниот систем.  Таму професорите се многу пријателски настроени и учениците навистина ги сакаат своите професори.

Извор: StrugaOnline

Ирена Мрческа

Facebook Коментари