Расте интересот за стручно образование во Струга

Интересот за стручно образование во струшките средни училишта секој година е се поголем, потврди директорката на средното општинско училиште „Нико Нестор“, Кети Јанкоска.
На осумте струки на македонски јазик се запишале 140 ученици, а на девет струки на албански јазик биле примени 143 ученици.
– Најголем интересн има за архитектонски техничар на македонски јазик и хемиски лабараториски техничар на албански јазик, истакна Јанкоска.
Карактеристично, според директорката, е што во ова училиште одлично функционираат три дуални паралелки
– Резултатите од дуалното образование се одлични. Имаме добра соработката со компаниите во Струга каде учениците преку практична настава учат и се надградуват, вели Јанкоска, додавајќи дека годинава завршува првата генерација прехранбен техничар дуална паралелка.
Во Државното средно музичко училиште „Тодор Скалоски – Тетоец“ во првиот уписен рок, како што информира раководителот Димитри Кумбароски се пријавиле 15 ученици.

– Годинава имаме пет ученици повеќе од лани и местата се пополнети. Ние сме дисперзирана паралелка, односно заедно со паралелката во Тетово треба да имаме вкупно 28 ученици, така што, бројката е исполнета. Уште неколку места се останати само во теоретскиот оддел. Ова се податоци за македонската паралелка, а за албанската е пријавен само еден ученик, изјави Кумбароски.
Во гимназијата „Ибрахим Темо“ пак, како што посочи директорката Бесиме Јонузи, се запишале 117 ученици, што, како што појасни споредбено со лани, бројот е намален за 53 ученици. Намалениот број на пријавени ученици го препишува на фактот дека деветтолетка годинава завршиле 480 ученици, што е за 50 до 60 помалку од минатата.

– Во првиот уписен рок се пријавија 36 ученици од македонска националност, 69 од албанска и 12 од турска. Минатата година во нашата гимназија се запишаа околу 170 ученици, но генерацијата што сега заврши деветто одделение брои помалку ученици, па затоа има разлика во бројките, истакна Јонузи.
Strugaonline

