Ученици од „Нико Нестор“ од Струга дел од проект за критичко размислување и инклузија во Охрид
Ученици од средното општинско училиште „Нико Нестор“ од Струга учествуваа во Охрид во проект организиран од CCG, посветен на темата „Критичко размислување и инклузија на младите“, заедно со свои врсници од други средни училишта.
Во текот на тридневната активност, младите учесници имаа можност преку низа едукативни и интерактивни активности да обработуваат теми поврзани со идентитетот, инклузијата, социјалната кохезија, критичкото размислување и трансформацијата на конфликти.
Програмата се реализираше преку интерактивни игри, групна работа, играње улоги и практични вежби, со цел учениците активно да се вклучат во процесот на учење и размена на искуства.
Во рамките на активностите, учениците размислуваа за сопствениот идентитет, ги развиваа вештините за соработка и практикуваа конструктивен дијалог. Посебен акцент беше ставен и на препознавањето и справувањето со конфликтни ситуации преку практични пристапи и решенија.
Покрај стекнувањето нови знаења и вештини, учесниците имаа можност да се запознаат и да создадат нови пријателства со врсници од различни средини, поттикнувајќи ја меѓусебната комуникација, разбирањето и соработката.
Од СОУ „Нико Нестор“ – Струга во проектот учествуваа Анди Хоџа, Герти Ала, Дардан Салиу, Лореса Усeини, Леона Даути, Енеса Мустафа, Теодора Јанковска, Леа Трајчева, Калина Ложанковска, Андреа Мижимаковска и Сара Димоска.
По завршувањето на активностите, на сите учесници им беа доделени сертификати за учество.
Проектот претставуваше можност младите преку практична работа и интеракција да развиваат критичко размислување, комуникациски и социјални вештини, но и да придонесат кон градење поинклузивна средина и подобро разбирање меѓу младите од различни средини.
StrugaOnline

