ЖKK Струга 2009 запрени во мајсторката: ЖKK Гевгелија обезбеди пласман во Првата лига
Екипата на ЖKK Струга 2009 не успеа да направи сензација во финалната мајсторка од Втората лига, откако на гостувањето кај ЖKK Гевгелија претрпе пораз од 68:44 (24:11; 10:02; 23:10; 12:21). Со оваа победа, домаќинките го заверија пласманот во Првата лига.
Најефикасна во редовите на стружанките беше Зиба со 18 поени, додека Даути постигна 8, Муртезај 7, Хиса и Дукоска по 4, а Незири додаде 3 поени.
По натпреварот, тренерот на ЖKK Струга 2009, Владимир Ѓоровиќ, упати честитки до противникот, но и до своите кошаркарки за постигнатиот успех сезонава.
„Најпрво сакам да им честитам на ЖKK Гевгелија за победата и пласманот во Првата лига. Второ, честитки и до моите кошаркарки за целата сезона во Втората лига. Иако бевме најмлада екипа, успеавме да стигнеме до мајсторка во големото финале“, изјави Ѓоровиќ.
Тој истакна дека тимот ги надминал очекувањата за оваа сезона.
„Со самото тоа ги надминавме нашите амбиции. Пласман во Првата лига ќе беше голема сензација. Ако некој ни понудеше пред почетокот на сезоната да играме мајсторка во финале, веднаш ќе го прифатевме тоа“, додаде тренерот.
Ѓоровиќ посочи и на квалитетот на противникот, нагласувајќи дека станува збор за сериозен проект.
„Екипата на Гевгелија е проект, поддржан од општината и засилен со искусни кошаркарки. Многумина очекуваа финалето да заврши со 2:0 за нив, но ние победивме во Струга и ги ставивме под притисок уште во првиот натпревар во Гевгелија“, рече тој.
На крајот, тренерот потенцираше дека оваа сезона донела значајно искуство за младата екипа и најави фокус кон младинските натпреварувања.
„Уште еднаш честитки за моите кошаркарки. Собравме големо искуство оваа сезона. Сега се вртиме кон младинските лиги во сите конкуренции, каде што имаме шанса да стигнеме до Ф4“, заврши Ѓоровиќ.
StrugaOnline

