Театарската претстава „Марта“ пред охридската и струшката публика на 29 и 30 мај
Театарската претстава „Марта“, инспирирана од делото „Марта пред огледалото“, ќе биде изведена пред охридската и струшката публика на 29 и 30 мај 2026 година, носејќи силна и емотивна приказна за тивката борба со анорексијата кај младите.
Првата изведба ќе се одржи на 29 мај (петок) со почеток во 20:00 часот во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид, додека ден подоцна, на 30 мај (сабота), претставата ќе биде поставена на сцената на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, исто така со почеток во 20:00 часот.
Претставата „Марта“ претставува интимен театарски запис и покана за влез во дневникот на една тинејџерка која се соочува со анорексија. Низ нејзината перспектива, публиката ја следи тивката, но длабока внатрешна борба што често останува невидлива за околината.
Емоционалната димензија на делото дополнително е збогатена со лични монолози и искуства на самите актери, што ја прави приказната уште поавтентична и поблиска до публиката.
„Марта“ не е само театарска претстава, туку и силен општествен апел и повик за поголемо разбирање, навремена реакција и поддршка за лицата кои се соочуваат со нарушувања во исхраната и нивните семејства.
Автор на текстот е Тереса Кало Фонтан, додека режијата и драматизацијата ги потпишува Маја Ѓурчевска.
Во претставата настапуваат: Нина Неделковска, Зорица Станковска, Петар Мароски, Магдалена Пејова, Ана Шапкарова и Марија Димитрова.
За светлото е задолжен Никола Димевски, тон-мајстор е Маја Ѓурчевска, а авторската музика и текст, оригинално создадени за претставата, се дело на Петар Мароски. Музички соработник е Стефан Јовановски, додека фотографијата ја потпишува Михаил Митевски.
Претставата е наменета за публика над 12 години, а цената на билетот изнесува 250 денари.
StrugaOnline

