Ташмаруништа подготвена за големото чествување на Илинден – 75 години непрекината традиција
Културната манифестација „Илинден“ – Ташмаруништа годинава ќе го одбележи 123-годишниот јубилеј од Илинденското востание и 75 години непрекинато чествување на Илинден во Ташмаруништа. Свеченостите ќе се одржат на 2 август (недела), со богата програма посветена на илинденските херои и македонската историја.
Програмата ќе започне во 10:00 часот со пречек на коњаничкиот марш во Ташмаруништа, по што во 10:30 часот ќе биде положено свежо цвеќе на Споменикот на Двата Илиндена. Во 11:00 часот ќе се одржи панихида во чест на загинатите борци од Илинденското востание.
Свеченото отворање на манифестацијата е закажано за 11:30 часот, кога ќе започне и културно-уметничката програма. Пред присутните ќе се обратат Андријана Јаневска и Петар Темелковски, а во музичкиот дел ќе настапат Методија Столески и групата „Седенка“, групата „Медник“ со зурли и тапани, како и КУД „Илинден“ од Струга.
Во рамки на одбележувањето, во 14:00 часот е најавена посета на претседателот на Владата на Република Македонија Христија Мицкоски, кој ќе положи свежо цвеќе на спомен-обележјата на загинатите борци од Илинденското востание.
Организаторите упатуваат порака за зачувување на споменот за илинденците и продолжување на нивната борба за слобода, правда и достоинство, потсетувајќи дека манифестацијата веќе седум и пол децении ја негува традицијата на одбележување на еден од најзначајните датуми во македонската историја.
StrugaOnline

