Општина Охрид со дводневна програма ќе ги одбележи двата Илиндена
Општина Охрид со богата дводневна програма ќе ги одбележи двата Илиндена – 123 години од Илинденското востание и 82 години од Првото заседание на АСНОМ.
Одбележувањето започнува на 1 август (сабота) со традиционалната манифестација „Ноќ спроти Илинден“ во селото Велгошти. Програмата ќе започне во 20:30 часот со полагање цвеќе пред спомен-обележјето на Илинденците.
Во продолжение ќе биде изведен драмскиот перформанс „Македонија ќе роди нови борци, вие ќе живеете во срцата наши“, во кој ќе настапат повеќе македонски актери. Вечерта ќе биде збогатена и со настап на охридскиот женски квартет „Harmonix“, како и концерт на Јована Богданоска.
Централното одбележување на празникот ќе продолжи на 2 август (недела). Во 10:00 часот ќе биде положено цвеќе пред спомен-обележјата на Илинденците во Градскиот парк, а потоа и кај „Прентов мост“.
Од 11:00 часот во селото Плаќе ќе се одржи историски час посветен на значењето на Илинден, по што ќе следува културно-уметничка програма.
Одбележувањето ќе заврши вечерта со традиционалната Илинденска вечер во селото Елшани, која ќе започне во 21:00 часот.
StrugaOnline

