Лев банер Десен банер

ГРК Охрид е освојувач на ЕХФ Европскиот куп

Охрид испиша нова златна страница во македонскиот и европскиот спорт. ГРК Охрид за првпат во својата историја го освои ЕХФ Европскиот куп, откако во преполната сала „Билјанини Извори“ го совлада унгарскиот МОЛ Татабања со убедливи 31:25 во реванш финалниот натпревар.

По големата победа од 29:28 на првиот меч во Унгарија, охридските ракометари ја потврдија својата доминација и пред домашната публика, освојувајќи го трофејот со вкупен резултат од 60:53.

Ова е најголемиот успех во историјата на клубот и прва европска титула за ГРК Охрид, успех кој ќе остане засекогаш запишан во спортската историја на градот. Воедно, Македонија втора година по ред има освојувач на ЕХФ Европскиот куп, откако минатата сезона до трофејот стигна и Алкалоид.

Патот до европскиот врв не беше лесен. Охриѓани одиграа извонредна сезона и на патот до титулата ги елиминираа Баку, Слога Добој, Дукла Прага, Олимпијакос и словенечки Целје, за во големото финале да бидат подобри и од силниот унгарски претставник Татабања.

Градот уште од раните утрински часови живееше во знакот на големото финале. Илјадници навивачи се слеаја кон спортската сала, а навивачката група „Рибари“ создаде спектакуларна атмосфера каква што ретко се гледа на македонските спортски терени. Поддршката од трибините беше дополнителен мотив за ракометарите, кои возвратија со борбена и инспиративна игра.

Вечерта во Охрид ќе остане запаметена како историски момент во кој соништата станаа реалност. Европскиот пехар пристигна на брегот на Охридското Езеро, а ГРК Охрид се издигна меѓу најголемите спортски приказни во историјата на градот и македонскиот спорт.

Со оваа победа, Охрид не доби само европски шампион, туку и нов симбол на спортската гордост, истрајност и успех.

StrugaOnline

error: