Претседателот на Собранието на Македонија Африм Гаши во посета на Општина Струга
Градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, го пречека претседателот на Собранието на Република Македонија, Африм Гаши, кој престојуваше во официјална посета на општината.
На средбата беше разговарано за актуелните предизвици со кои се соочува Струга, како и за можностите за понатамошен развој на општината. Посебен акцент беше ставен на потребата од подобрување на комуникацијата и соработката помеѓу граѓаните и институциите.
Во фокусот на разговорите беше иницијативата за отворање канцеларија за пратениците од регионот во Струга. Преку оваа канцеларија, граѓаните би добиле можност директно да ги доставуваат своите барања, предлози и проблеми до законодавниот дом, со што би се овозможила поефикасна комуникација со нивните избрани претставници.
Соговорниците се согласија дека ваквата иницијатива ќе придонесе за поголема транспарентност во работата на институциите, подобра институционална поврзаност и поефикасно застапување на интересите на граѓаните на локално и национално ниво.
Од Општина Струга истакнуваат дека остануваат посветени на иницијативи кои ги доближуваат институциите до граѓаните и создаваат услови за подобар квалитет на живот и одржлив развој на локалната заедница.
StrugaOnline

