Скопје викендов ќе биде домаќин на Европскиот јуниорски куп во џудо
Скопје претстојниот викенд ќе биде домаќин на еден од најзначајните младински џудо-настани во Европа. Од 8 до 9 август, во спортската сала „Јане Сандански“ ќе се одржи Европскиот јуниорски куп во џудо, кој ќе собере стотици млади спортисти од целиот континент.
На татамите во Скопје ќе настапат 346 џудисти од 34 држави, кои ќе се борат за највисок пласман, но и за вредни бодови во европската конкуренција. Турнирот претставува одлична можност за младите натпреварувачи да ги покажат своите квалитети и да стекнат драгоцено меѓународно искуство.
По завршувањето на натпреварите, од 10 до 12 август, ќе се одржи и меѓународен тренинг камп, на кој учесниците ќе имаат можност за заеднички тренинзи, размена на искуства и дополнително усовршување со врвни млади џудисти и тренери од Европа.
Организаторите очекуваат турнирот да понуди возбудливи борби, високо ниво на натпреварување и одлична спортска атмосфера, со што Скопје уште еднаш ќе ја потврди својата способност за организација на големи меѓународни спортски настани.
Воедно, упатен е повик до сите љубители на спортот и џудото да присуствуваат во спортската сала „Јане Сандански“ и да им дадат поддршка на младите натпреварувачи, кои во текот на двата натпреварувачки дена ќе се борат за европски успех.
StrugaOnline

