Во Струга одбележани 82 години од формирањето на Шестата македонска народноослободителна ударна бригада
Со свечена седница на Општинската организација на борците од Струга и положување свежо цвеќе пред споменикот од Народноослободителната борба, вчера во Струга беа одбележани 82 години од формирањето на Шестата македонска народноослободителна ударна бригада.
Шестата македонска народноослободителна ударна бригада била формирана на 6 септември 1944 година, во Караорман, во месноста „Рудина“. Нејзиното формирање следело по приливот на поголем број борци во Првата македонска народноослободителна ударна бригада, согласно одлуката на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија.
При формирањето, бригадата броела околу 1.000 борци. За значењето на нејзиното формирање говорел претставникот на Главниот штаб, Видое Смилевски – Бато.
Штабот на бригадата бил составен од искусни борци, дотогашни припадници на Првата македонска народноослободителна ударна бригада. За командант бил поставен Драган Ѓорѓевиќ – Алија, негов заменик бил Захарие Трајковски – Брко, политички комесар бил Киро Сотировски – Строгов, а заменик-политички комесар Младен Милошевски. Во поширокиот состав на штабот била и Милица Лукиќ, одговорна за санитетот.
Борбениот пат бригадата го започнала веднаш по формирањето. Само еден ден подоцна, на 7 септември 1944 година, таа тргнала кон Крушево со задача да ги ликвидира бугарските позиции кај месноста Црско, а потоа да учествува во ослободувањето на Крушево.
Во Крушево бригадата била засилена со нови борци, по што добила нова борбена задача – разбивање на непријателските сили на потегот Кичево – Полог. Потоа дејствувала на просторот на Сува Гора, каде по тешки борби избила на комуникацијата Скопје – Тетово, продолжувајќи со своите дејствија сè до ослободувањето на земјата.
На свеченоста во Струга за историското значење на формирањето и борбениот пат на Шестата македонска народноослободителна ударна бригада говорел претседателот на Општинската организација на борците од Струга, Ајредин Мемеди.
Одбележувањето претставуваше потсетување на историските настани и на борбениот пат на илјадниците борци кои учествувале во Народноослободителната борба.
Текст и фото: Стојан Кукунешоски
StrugaOnline

