Менди Ќура ги посети младите шахисти на „Езерска кралица“ и најави продолжена поддршка од Општината
Струга деновиве е домаќин на седмото издание на Меѓународниот младински шаховски фестивал „Езерска кралица 2026“, кој од 5 до 8 септември ги собира младите љубители на шахот од повеќе европски земји.
Фестивалот се одржува во организација на Младинската шаховска школа „Струга“, под менторство на Ѓоко Котески, а годинава учество земаат млади шахисти до 20 години од Македонија, Албанија, Грција, Бугарија, Косово и Германија.
Пред почетокот на петтото коло, фестивалот денеска го посети градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, кој оствари средба со организаторите и младите учесници.
Ќура го истакна значењето на ваквите меѓународни спортски настани за младите, но и нивниот придонес во промоцијата на Струга како град кој создава можности за спорт, дружење и меѓународна соработка.
Градоначалникот потврди дека Општина Струга ќе продолжи да го поддржува фестивалот, со цел „Езерска кралица“ дополнително да се развива и да прерасне во уште попрепознатлива традиција на градот.
Фестивалот, освен натпреварувачки карактер, има и силна социјална и образовна компонента. Преку шахот, младите имаат можност да се запознаваат, да разменуваат искуства и да создаваат нови пријателства со свои врсници од различни земји.
„Езерска кралица“ со тоа претставува пример како спортот може да ги поврзува младите надвор од границите, а Струга дополнително да ја зацврстува својата позиција како град на спортот, младите и меѓународната соработка.
Фестивалот продолжува до утре, 8 септември, кога се очекува да бидат познати и најуспешните млади шахисти на годинашното издание.
StrugaOnline

