Со знамиња, песна и насмевки, најмладите стружани во празнична парада за Денот на независноста
Со знамиња во рацете, песна и насмевки, учениците од одделенската настава при ООУ „Браќа Миладиновци“ – Струга, заедно со своите наставнички, денеска продефилираа низ улиците на Струга по повод Денот на независноста на Македонија.
Празничната парада се одржа во пресрет на 35-годишнината од независноста, а најмладите ученици со својата разиграност и позитивна енергија внесоа посебна празнична атмосфера низ градот.
Испраќајќи пораки на заедништво, гордост и љубов кон татковината, учениците со своите наставнички прошетаа низ струшките улици, привлекувајќи го вниманието на граѓаните и минувачите.
Шаренилото од знамиња, детската песна и насмевките на најмладите го направија дефилето вистинска празнична слика, со која учениците ја одбележаа независноста на земјата на свој начин.
Од училиштето порачуваат дека ваквите активности имаат особено значење во воспитувањето на најмладите, бидејќи љубовта кон татковината, почитувањето на историјата и чувството на заедништво се градат уште од најрана возраст.
Празничната парада беше уште еден убав пример како учениците преку песна, дружење и заедничко дефиле го одбележуваат еден од најзначајните датуми во македонската историја.
StrugaOnline

