Боград детската трка обедини 200 деца во знак на поддршка за децата со ретки болести
Двесте деца, стотици насмевки и една силна порака ја одбележаа Боград детската трка, која во саботата се одржа во рамки на трката „Дрим Ран“, во организација на Здружението за спорт и рекреација „Дрим Актив“. Овогодишната детска трка беше посветена на децата со ретки болести, со цел да се подигне свеста за нивните предизвици и да се испрати порака дека тие не се сами.
Со својата енергија, храброст и искрени детски насмевки, 200-те учесници покажаа дека спортот може да биде многу повеќе од натпревар. Тие испратија порака на поддршка, солидарност и заедништво – секое дете е шампион.
Настанот не беше само трка. Во текот на денот беа споделени и неколку животни приказни кои ги потсетија присутните дека зад секоја дијагноза стои едно дете, едно семејство и една секојдневна борба која заслужува внимание, разбирање и поддршка.
Се говореше за предизвиците, но и за надежта. Емоциите беа силни, а емпатијата се чувствуваше на секој чекор. Најсилната порака, сепак, ја испратија самите деца – со нивната безгрижност, искреност и насмевки, покажувајќи дека заедништвото може да донесе светлина и во најтешките моменти.
По завршувањето на трката, детската радост продолжи со уште една активност. Благодарение на Младинската иницијатива „Youth for Struga“, најмладите учесници добија цртежи на лицето, претворајќи го настанот во уште пошарен, повесел и исполнет со детска фантазија.
Организаторите преку „Дрим Ран“ и Хотел Боград упатија порака дека преку ваквите настани сакаат да придонесат кон поголема информираност и разбирање за ретките болести, но и да покажат дека децата кои живеат со ретки болести имаат потреба од поддршка, прифаќање и еднакви можности.
Тие се херои. Тие се пример. Тие се мотивација. И секој ден се победници и шампиони.
За реализацијата на настанот, организаторите упатија благодарност до Општина Струга, Црвениот крст, сите деца и родители, волонтери, поддржувачи и партнери кои помогнаа Боград детската трка да прерасне во ден исполнет со љубов, солидарност и човечност.
Боград детската трка покажа дека понекогаш најголемата победа не е во тоа кој прв ќе стигне до целта, туку во тоа да трчаме заедно, да се поддржуваме и да не дозволиме ниту едно дете да се чувствува само.
StrugaOnline

