Во Струга започнува работилница за линорез и графика – пријавувањето е во тек
Сите љубители на уметноста, креативците и оние кои сакаат да пробаат нешто ново и поинакво имаат можност да се пријават за учество на „Работилница за линорез и графика“, која ќе се одржува во Струга.
Работилницата е наменета за почетници, но и за сите љубители на визуелната уметност, без оглед на нивното претходно искуство. Преку шестнеделната програма, учесниците ќе имаат можност да се запознаат со основите на графичката уметност и процесот на создавање уметничко дело преку техниката на линорез и печатење со графичка преса.
Главниот фокус на работилницата е процесот „од идеја до отпечаток“, при што учесниците ќе имаат можност да ја развиваат сопствената креативна идеја и да ја претворат во конкретно графичко дело.
Работилницата ќе ја води ликовниот уметник Горан Ристовски, а ќе се одржува во „Уметнички простор – ИНКА“, лоциран во струшката чаршија.
Организаторите информираат дека материјалите за работа се целосно обезбедени, додека бројот на учесници е ограничен, па заинтересираните се повикуваат навреме да го обезбедат своето место.
Работилницата претставува можност за сите оние кои сакаат да истражуваат нови форми на визуелно изразување, да стекнат практични знаења и да се запознаат со една од интересните техники во графичката уметност.
За пријавување и повеќе информации, заинтересираните можат да се јават на 078 844 027.
StrugaOnline

