Лев банер Десен банер

Стружанецот Нико Нестор на денешен ден го преплива каналот Ла Манш

На денешен ден, 9 септември 1959 година, струженецот Нико Нестор за време од 12 часа и 6 минути го преплива каналот Ла Манш и стана првиот Македонец и првиот пливач од тогашна Југославија што го совладал морскиот пат меѓу Франција и Велика Британија.

Нестор стартуваше нешто по полноќ од францускиот брег, кај Кале, во друштво на шпанскиот пливач Рудолфо Родригез и Мексиканецот Мигуел Гонзалес. Целта беше британскиот брег, а условите во каналот беа далеку од едноставни – студена вода, силни струења и плима и осека кои можеа значително да ја променат траекторијата на пливачот. Кога стигна до британскиот брег, кај Сент Маргарет, Нестор подоцна раскажуваше дека не чувствува особена исцрпеност. Во интервју за „Нова Македонија“ во 2009 година се присети дека на целта излегол на нозе и дека заморот речиси и да не го почувствувал.

Подвигот не беше негов прв голем успех на долги патеки. Само една година претходно, на 19 август 1958 година, Нестор стана првиот пливач што го преплива Охридското Езеро од Свети Наум до Струга, за што му беа потребни 11 часа и 28 минути.

Роден во Струга во 1934 година, Нестор беше член на Пливачко-веслачкото друштво „Охридски бранови“. Во периодот од 1948 до 1967 година освои 14 титули на републичките првенства и постави повеќе републички рекорди. Беше активен и во ватерполо, а подоцна остана поврзан со маратонското пливање.

Неговиот успех во Ла Манш доби особено внимание и надвор од Југославија. Англискиот печат го опишуваше како првиот човек од зад „железната завеса“ што успеал да го преплива каналот. За Нестор, сепак, подвигот беше повеќе од спортски резултат. Во едно подоцнежно сведоштво зборуваше за чувството дека со себе ги носел Струга и Македонија.

Нико Нестор беше дел од генерацијата која ги поставил темелите на македонското маратонско пливање, заедно со имиња како Климе Савин, Атина Бојаџи и Дики Бојаџи. Десет години по неговиот подвиг, Ла Манш го преплива и Атина Бојаџи, а подоцна и други македонски пливачи.

Нестор почина во Скопје на 26 февруари 2016 година, на 81-годишна возраст. Зад себе остави 14 републички титули, повеќе рекорди и два големи датума во историјата на македонското маратонско пливање – препливувањето на Охридското Езеро во 1958 и на Ла Манш во 1959 година.

StrugaOnline

error: