Лев банер Десен банер

Учениците од ООУ „Браќа Миладиновци“ – Струга учеа за безбедноста во сообраќајот преку роботи и micro:bit технологија

Учениците од ООУ „Браќа Миладиновци“ – Струга успешно реализираа иновативен образовен проект под наслов „Безбедни на патеката со Kitronik:MOVE Motor“, преку кој ги споија технологијата, програмирањето и сообраќајната едукација.

Проектот се реализираше во периодот од 1 до 22 октомври 2026 година, од страна на тим составен од наставничката по информатика и одделенските наставници од трето и четврто одделение, заедно со нивните ученици.

Активностите беа дел од проектот „Училиште на 21 век – Критичко размислување, примена на ВИ и micro:bit во наставата“, организиран од Бирото за развој на образованието.

Главната цел беше развивање на дигиталните, просторните и социјалните вештини кај учениците преку врсничко учење и практична примена на micro:bit технологијата за управување со паметно робот-возило на сообраќајна патека.

Преку иновативно поврзување на технологијата, радио-комуникацијата и практичното управување со micro:bit уредите, учениците имаа можност знаењата да ги применат во реални и интерактивни активности.

Посебен акцент беше ставен на врсничкото учење, при што повозрасните ученици презедоа улога на ментори и им ги пренесуваа своите знаења од областа на програмирањето на помалите соученици.

Заеднички креираа интерактивна сообраќајна патека на која, преку игра, истражување и тимска работа, ги совладуваа сообраќајните правила и принципите на безбедно учество во сообраќајот.

Со реализацијата на овој проект учениците не само што ја унапредија својата дигитална писменост, туку развиваа и критичко размислување, креативност, соработка и вештини за решавање проблеми.

Овој пример покажува како современите технологии можат да станат важен дел од наставниот процес, претворајќи го учењето во интерактивно, практично и интересно искуство за најмладите.

StrugaOnline

error: