Струга домаќин на регионална експертска тркалезна маса за интегрирано управување со шумите на Западен Балкан
Струга на 11 ноември 2026 година ќе биде домаќин на регионална експертска тркалезна маса на тема „Интегрирано управување со шумите на Западен Балкан: Научени лекции, предизвици и насоки за иднината“.
Настанот го организира Здружението за поврзување на природата и луѓето – ЦНВП Македонија (Connecting Nature and People – CNVP Macedonia), а ќе се одржи во хотелот „Изгрев“ во Струга, со почеток во 9 часот.
Тркалезната маса ќе обедини регионални експерти, претставници на националните и локалните институции, шумарските агенции и јавните претпријатија, академската и научноистражувачката заедница, меѓународните организации, развојните партнери, граѓанскиот сектор и приватниот сектор од Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора.
Главната цел на настанот е презентирање на резултатите и научените лекции од четиригодишната регионална соработка во рамките на проектот „Интегрирано управување со шумите долж сливот на реката Дрим“.
Посебен акцент ќе биде ставен на предизвиците со кои се соочуваат земјите од регионот во управувањето со шумските ресурси, размената на добри практики и утврдувањето на идните можности за одржливо управување со шумите.
Дополнително, преку експертската дискусија се очекува да се поттикне регионалната соработка и да се отворат прашања за подобра координација меѓу институциите и организациите кои работат во областа на шумарството и заштитата на природните ресурси.
Проектот „Интегрирано управување со шумите долж сливот на реката Дрим“ го спроведува ЦНВП во Македонија, Албанија, Црна Гора и Косово, во партнерство со организацијата ICEP, со финансиска поддршка од Австриската агенција за развој (ADA).
StrugaOnline

