Лев банер Десен банер

Победа над Тим Арена за второ место – сениорките на ЖКК Струга 2009 вицешампиони во Втората лига

Сениорскиот тим на ЖКК Струга 2009 го освои второто место во Втора македонска женска кошаркарска лига, откако во последното коло славеше против екипата на Тим Арена Штип со резултат 66:55.

Стружанки одиграа сигурен натпревар и по подобрата игра во втората четвртина успеаја да создадат предност која ја задржаа до крајот на средбата. Резултатот по четвртини гласеше 14:13, 24:14, 14:16 и 14:12.

Најефикасна во редовите на струшкиот тим беше Зиба со 25 поени, додека капитенот Хиса постигна 23 поени. Во листата на стрелци се запишаа и Муртезаи и Незири со по 5 поени, додека Даути, Таранеши, Кавај и Павлеска додадоа по 2 поени.

Со оваа победа екипата на ЖКК Струга 2009 го потврди второто место на табелата и обезбеди пласман во полуфиналето од плејофот за влез во Прва македонска женска кошаркарска лига, каде ќе се соочи со тимот на ЖКК Гостивар.

Тренерот на тимот, Владимир Ѓоровиќ, по натпреварот истакна дека сезоната била предизвикувачка, но дека екипата покажала карактер и квалитет.

„Регуларниот дел беше долг и тежок бидејќи игравме како најмлада екипа во лигата. Речиси сите кошаркарки, освен капитенот Хиса, паралелно настапуваа и за јуниорската и кадетската екипа. Сепак, девојките покажаа огромна борбеност и заслужено стигнавме до второто место. Во полуфиналето влегуваме како фаворити, бидејќи против Гостивар имаме меѓусебен скор 2:0 и евентуалната мајсторка ќе ја играме на домашен терен. Очекувам пласман во финалето“, изјави Ѓоровиќ.

Во второто полуфинале од плејофот силите ќе ги одмерат ЖКК Гевгелија и Тим Арена Штип, по што ќе биде познато кои екипи ќе се борат за место во елитното женско кошаркарско друштво во земјата.

StrugaOnline

error: