Лев банер Десен банер

ТК „СОНКАЛ“ Мислешево со одличен настап на „Србија опен 2026“: Теодор Ѓорески освои два медали

Таеквондо клубот СОНКАЛ од Мислешево, Струга, оствари забележителен настап на меѓународниот ИТФ таеквондо натпревар „Србија опен 2026“, кој се одржа во Нови Сад, Србија. Клубот настапи со тројца натпреварувачи, кои се претставија во одлично светло, а Теодор Ѓорески успеа да освои два медали.

Ѓорески се закити со сребрен медал во дисциплината форми, освојувајќи го второто место, додека во борби го освои третото место и бронзениот медал. Со овој резултат, младиот таеквондо-натпреварувач уште еднаш го потврди својот потенцијал и квалитет во силна меѓународна конкуренција.

На турнирот учествуваа вкупно 564 натпреварувачи од 14 европски земји, меѓу кои Македонија, Србија, Грција, Бугарија, Чешка, Молдавија, Босна и Херцеговина, Белгија, Словачка, Украина, Ирска, Италија, Франција и Хрватска. Конкуренцијата беше особено силна, имајќи предвид дека дел од земјите, меѓу кои Грција, Бугарија, Чешка, Ирска и Молдавија, настапија со своите комплетни национални репрезентации.

Одлични резултати забележа и Македонската Традиционална Таеквон-до Федерација, чии 18 натпреварувачи освоија вкупно 16 медали – четири златни, три сребрени и девет бронзени.

Настапот на СОНКАЛ и освоените медали на Теодор Ѓорески претставуваат значаен успех за клубот од Мислешево и Струга, како и поттик за понатамошен развој на младите таеквондо-натпреварувачи и нивно афирмирање на меѓународната спортска сцена.

StrugaOnline

error: