Анита Гагоска: Во „Порака нова“ се спроведува ефикасна методологија за социјализација на лицата со попреченост

- Локални
926

Во денешото издание на емисијата „Play cafe“, што се емитува на Play radio, гостуваше Анита Гагоска, генерален секретар во Центарот за лица со интелектуална попреченост „Порака Нова“-Струга. На 3-ти овој месец, и овој центар го одбележа Меѓународниот ден посветен на лицата со интелектуална попреченост и ги испрати пораките за будење на општествената свест за неопходната инклузија на овие лица во сите области од општествениот живот. Со Анита зборувавме за активностите во ЦЛИП „Порака нова“ и сите механизми кои невладиниот сектор и државата ги имаат за да се даде соодветна поддршка на оваа категорија граѓани и нивните семејства.

Play radio: Спроведовте онлајн кампања  насловена како „Мојот успех“ каде ги претставивте успешните приказни на лицата со интелектуална попреченост, од каде идејата за ваква кампања и како истата влијаеше на јавноста?

Анита Гагоска: Со напливот на нови технологии, неопходни се онлајн кампањи за поголема видливост на сето она што го работиме. Заедно со Здружението на глуви и наглуви лица од Струга ја осмисливме оваа кампања, бидејќи, почнувајќи од оваа година се промовира новата развојна агенда на Обединетите Нации која потенцира лидерство и активно учество на лицата со попреченост. Така, одлучивме да ги покажеме успесите на нашите корисници. Во склоп на оваа кампања има седум приказни преку кои ги раскажуваме успесите кои ги постигнаа лицата кои доаѓаат во „Порака Нова“. Имавме приказна за лице со оштетен слух кое води свој сопствен бизнис повеќе од десет години, имавме приказна за наша корисничка од „Порака Нова“ која е вљубена во театарот, корисник кој многу успешно го продава списанието „Лице в лице“ и слично. Во оваа кампања го вклучивме и капитенот на нашиот кошаркарски тим кој неодамна освои второ место на Специјалната олимпијада на државно ниво. Целта беше да покажеме дека лицата со интелектуална попреченост можат да постигнат успех во многу области

Play radio: Да позборуваме детално за напорите кои невладиниот сектор ги прави за да го подобри животот на оваа категорија граѓани и менахинзмите кои државата ги има за да помогне.

Анита Гагоска: Здруженијата кои работат со лица со попреченост најчесто се формирани од страна на родители кои имаат потреба гласно да кажат што им е потребно на нивните деца. И „Порака нова“ е формирана од страна на родители иако е водена од професионалци. Невладиниот сектор е секогаш гласноговорник за сето она што не е добро во законите и во процесот на заштита на лицата со попреченост. Невладиниот сектор има улога и да ги корегира законите кои се носат.Не секогаш сме задоволни од донесените закони. До сега сме посетиле многу обуки ово земјава и странство. Носиме искуства кои се многу позитивни и можат да се имплементираат на државно ниво, тие искуства им ги презентираме на носителите на одлуки. Исите не секогаш се прифатени со голема радост, најчесто со изговори дека за таква имплементација нема доволно средства во буџетот, но дел од нив се имплементираат. Неодамна беше донесен нов закон за инклузија во образованието, здруженијата беа вклучени во ревизјата и носењето на законот. Мое лично мислење е дека со овој закон не може да се направи целосна инклузија на сите лица со попреченост, затоа што има лица со помала попреченост, но има и тешки случаи. Треба да поработиме системски да ги решиме сите работи. Постојат образовни институции каде можат да се вклучат лица со умерена и со тешка попреченост, но мора да има одредени услови во кои тие ќе се вклучат. На пример, бевме во Италија во едно училиште каде се вклучени тие корисници но условите во кои тие работат се неспоредливи со нашите услови.

Play radio: Каков е развојот на лице со попреченост кое доаѓа во „Порака нова“ од најрана возраст низ годините?

Анита Гагоска: „Порака нова“ постои триесет и пет години. Имаме многу позитивни примери за корисници кои кај нас доаѓаат од најмала возраст, како нивното однесување и вклученоста во општествениот живот е сменета на многу подобро. Имаме и корисници кои ги извадивме од институција и максимално ги ресоцијализиравме. Тие сега се активни чинители во социјалниот живот. Направивме компелтно да припаѓаат на своето семејство, да бидат корисни за семејството. На многу од нив, после осумнаесеттата година  им најдовме работа. Голем дел од сега-вработените дојдоа во „Порака нова“ на овој трети декември, за заедно со нас да го одбележат тој ден.  Пред да ги врабориме, ние ги подготвуваме овие лица за тоа како треба да се однесуваат на работно место.  Спроведуваме една цела методологија која го трасира патот на секој наш корисник.

Play radio: Kои се плановите на „Порака нова“ за следната година? На кој начин ги подобрувате вашите услуги?

Анита Гагоска: Сега се подготвува програма за наредните пет години и планираме да внесеме новитети во работењето. Планираме соработки со европските земји како и до сега, но и со земји од други континенти. Деновиве стапивме во контакт со една организација од Никарагва за потенцијална соработка и се надеваме дека истата ќе биде реализирана.

Play radio: Што се случува со лицата со посебни потреби кога ќе ги изгубат родителите?  Има ли државата механизми да ги згрижи соодветно и трајно и колку тука има можности и опции вашиот Центар?

Анита Гагоска: Позитивен пример од нашата земја, а воедно  и одличен механизам се малите групни домови каде лицата со попреченост се деинституционализираат и живеаат како цимери. Имаат помошник кој им помага за се што им е потребно, а тие сами готват, чистат, одат на работа и сами си го организираат времето. Но, засега групни домови има само во Скопје и Неготино. Ние од „Порака Нова“, кога некој корисник ќе ни остане без застапник, помагаме на индивидуален начин во зависност од потребата која ја има. Конкретно, имавме корисник кој остана да живее сам, со помош на друга организација му обезбедивме дом за живеење бидејќи неговата куќа беше пред распаѓање, исто така му најдовме и работа, па сега е самостоен човек. Од друга страна, за жал лицата кои имаат поголема попреченост и не можат да работат понекогаш завршуваат во институција. Но, сето тоа се индивидуални случаи, најчесто за нив се грижат лица од поширокото семејство, државата се’ уште нема механизам на ниво на цела Македонија да најде решение за тој проблем.

Извор: Play radio

 

 

 

Facebook Коментари