Четврта меѓународна еко-акција за чистење на Охридското Езеро: „Нов живот за езерото“
На 31 мај 2026 година, во недела, на плажата кај хотел „Бисер“ во Калишта ќе се одржи четвртата по ред меѓународна еко-акција за чистење на Охридското Езеро под мотото „Нов живот за езерото“. Настанот започнува во 10:00 часот и има за цел зачувување на природните вредности на езерото и подигнување на јавната свест за значењето на заштитата на животната средина.
Во акцијата ќе учествуваат нуркачки клубови и учесници од Македонија, Србија и Хрватска, како и бројни волонтери, еколошки активисти, граѓани и љубители на природата, кои преку заедничка и конкретна акција ќе придонесат за зачувување на едно од најголемите природни богатства во регионот.
Организатори на настанот се Нуркачкиот клуб за подводни активности „Езерски Пулс“ и Нуркачкиот клуб „Скаут“ од Струга, кои и оваа година продолжуваат со својата мисија за заштита на природата и подигнување на еколошката свест кај граѓаните.
Еко-акцијата, која се организира четврта година по ред, прераснува во препознатлива меѓународна иницијатива што обединува луѓе со иста цел – чисто езеро, здрава животна средина и поголема грижа за природата.
Организаторите упатуваат отворен повик до сите заинтересирани граѓани, нуркачи, спортски клубови, млади и волонтери да се приклучат и да станат дел од оваа позитивна еколошка приказна.
Воедно, покана е упатена и до медиумите да ја проследат иницијативата и заедно со учесниците да испратат силна порака дека промените започнуваат со конкретни дела.
„Заедно создаваме почисто Охридско Езеро – затоа што природата што ја наследуваме денес, ја оставаме на генерациите утре“, порачуваат организаторите.
StrugaOnline

